Пожар во тетовско Жилче, загина 80- годишна жена
Трагедија во тетовското село Жилче. Почината 80-годишна жена е пронајдена по пожар кој изутрина избувнал во помошен објект во нејзината ќука. Пожарот го пријавил нејзиниот 44-годишен син. Пожарникарите по интервенцијата целосно го изгаснале огнот. Полицијата ги утврдува причините...

80- годишна жителка на тетовското село Жилче утринава загина во пожар кој избувна во нејзиниот дом. Со полесни повреди се здобиле нејзиниот син и снаа кои се обиделе да ја спасат, но било предоцна. Тетовските пожарникари спречија пламените јазици да не се прошират на соседните објекти.
Пламените јазици прв ги забележал нејзиниот син околу 7 часот откако дошол од работа. Веднаш ја повикал сопругата која спиела во соседниот објект. И двајцата ја отвориле вратата од просторијата каде жената веќе била почината, а пожарот проголтал се пред себе.
Првичните претпоставки се дека можеби од каминот избувнал пожарот, од кој бабата не можела да се спаси затоа што била и тешко подвижна.
Полицијата има извршено увид и работи на расчистување на случајот.
Село Жилче е оддалечено околу 10 километри од Тетово. За побрза интервенција со цел избегнување на трагедии потребни се противпожарни пунктови и во руралните општини, вели командирот Алити.
Тетовската единица опслужува пет рурални општини од тетовско каде нема противпожарни служби. Со гасењето често се доцни поради далечината и до 30 километри, кои тетовските пожарникари треба да ги поминат за да стигнат на местото за интервенција.
Зоран Димовски
