Акциски план

Османи: Емоциите ќе се заменат со рационален пристап во дијалогот со Бугарија

16.02.2021 14:47

„Во дијалогот со Бугарија, емоциите ќе се заменат со рационален пристап“ - министерот за надворешни работи Бујар Османи за акцискиот план. Вели дека чувството било оти во првата фаза дијалогот помеѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него. Сметавме дека треба да го смениме пристапот во однос на овој дијалог, рече Османи...

Акцискиот план за побрзо спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија нема да опфаќа идентитетски прашања, туку ќе биде насочен кон соработка на ресорните министерства за подобрување на животот на граѓаните од двете страни на границата, објави шефот на дипломатијата Османи. Посочи дека е избран рационален начин за комуникација со Софија. За недоразбирањето околу македонскиот идентитет и јазик ќе се разговара на крајот, соопшти Османи.

„Чувството беше дека во првата фаза дијалогот помеѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него, сметавме дека треба да го смениме пристапот во однос на овој дијалог, да воспоставиме повеќе рационален пристап во овие разговори и продолжување на комуникацијата во темите за кои имаме повеќе разбирање“, изјави шефот на дипломатијата, Османи.

Сѐ уште не е одреден денот за средба со бугарската министерка за надворешни Захариева околу финализирање на акцискиот план за секторска соработка, по што согласно Договорот за добрососедство земјава треба да биде домаќин на втората меѓувладина седница.

Лидерот на опозицијата смета дека јавноста треба да биде запозната што стои во акцискиот план што се договара со Бугарија, бидејќи според нивни информации во него ќе стојат и идентитеските прашања.

Германија го поддржува почетокот на преговори со Северна Македонија, но за надминување на бугарското вето смета дека мора да се разрешат недоразбирањата со Бугарија. За приближување кон ЕУ, потпишан е Меморандум за разбирање меѓу земјава и германската покраина Рајна Вестфалија, со која ќе се интензивира соработката при инвестициите, на академиски и економски план.

 

Ирина Гелевска