Куманово: Во еден пункт ќе се спроведува имунизацијата

16.02.2021 14:52

Педесетина вработените во кумановскиот Здравствениот дом се пријавиле за вакцинација против Ковид-19. Предност ќе имаат здравствените работници во Итната помош. Од оваа установа информираат дека се подготвени за имунизација на населението. Вакцинирањето ќе се спроведува во еден пункт. Паралелено ќе продолжат да работат и пунктовите за редовните вакцини на бебињата, сезонскиот грип, како и брзите ковид тестови, кои се реализираат во посебни оддели...

Здравствениот дом во Куманово е подготвен за имунизација на населението против коронавирусот. Оттаму информираат дека вакцинацијата во најголемата општина во државата, ќе се спроведува во еден пункт, во централната зграда. Нагласуваат дека 50-ина од вработените, лекари, медицински сестри и технички персонал, веќе изразиле интерес за антиковид вакцината. Меѓутоа, предност ќе имаат медицинските лица кои се во директен контакт со пациентите, меѓукои  здравствените работници од Итната помош.

„Вакцинацијата ќе се спроведува само во еден пункт, кога ќе почне со тек на времето ќе видиме колку ќе има заинтересирани пациенти и колку вакцини ќе добиеме и врз основа на тоа ќе решиме дали ќе се работи во една или две смени“, посочи Фарук Алили, директор на Здравствен дом Куманово.

Од кумановскиот Здравствен дом информираат дека имунизацијата против ковид 19 нема да влијае врз редовните вакцинации на бебињата, сезонскиот грип, како и брзите тестови. Тие нагласуваат дека кадровски и просторно можат да одговорат на потребите на граѓаните.

„Обезбедивме простор каде што е важно да ги одделиме предучилишните и училишните деца, затоа имаме посебен простор, просторија и веќе организиравме тим кој е искусен долги години работи на имунизација за да биде успешно спроведена оваа нова вакцина, бидејќи е новина за сите нас и заради тоа сите препораки што ги добиваме од министерството сериозно ги спроведуваме“, посочи Снежана Јовановска, доктор при Здравствен дом Куманово.

Здравствените работници укажуваат дека вакцинацијата е најефективна во борбата со вирусот.

 

Елена Георгиевска