Имунизација

Утре почнува вакцинацијата против Ковид-19, се прават последните подготовки

16.02.2021 15:04

Утре во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести ќе почне вакцинација на здравствените работници кои работат во Ковид-центрите. Медицинските сестри ги прават последните подготовки. Иако сите се со долгогодишно искуство, ништо не препуштаат на случајност...

Утре во 10 часот против Ковид- 19 ќе се вакцинира првиот здравствен рабоник во Македонија. На шест позиции во Модуларната болница, од 8 до 20 часот, на секои десет минути ќе тече имунизацијата. Првиот пакет вакцини од „Фајзер“ ќе биде наменет исклучиво за здравствените работници. 

Медицинските сетсри кои први ќе почнат со инјектирање на вакцините ги прават последните подготовки. Иако сите се со долгогодишно искуство сепак ништо не прешуштаат на случајност.

„Различно од другите вакцини е тоа што оваа вакцина се чува на минусни температури и треба време да се одмрзне, и начинот на кој се спрема. Подготвени сме околу тоа прашање. Имаме посебни шприцеви со кои точно 0,3 милилитри треба да се извлече за една вакцина, и веќе го направивме тоа, пробавме, по шест вакцини вадиме“, изјави Маријана Којчева, медицинска сестра од Здравствен дом- Скопје.

Националниот систем до ковид- центрите низ државата, испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница во Скопје. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Со пратката вакцини од Србија, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје.

Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. Граѓаните кои сакаат да се имунизираат против Ковид – 19 може да аплицираат на веб – страницата Вакцинација.мк. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем „Мој Термин“. Матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент. Системот го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите содржани во Националниот план за имунизација на населението.

Наташа Јанчиќ- Менковски