Економија

160 милиони евра тежи петтиот антикризен сет мерки

16.02.2021 15:41

160 милиони евра тежи петтиот економски антикризен пакет. Содржи 29 мерки. Од Владата велат дека повеќето мерки ќе се користат до крајот на 2021 година за да имаат влијание и ефект врз економијата. Опозицијата со став дека новиот пакет мерки со кој се фали Владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните...

Финансиска помош за исплата на плати, поддршка за ликвидноста на компаниите со бескаматни кредити, даночно олеснување, директна помош за граѓаните. Владата даде амин за петтиот економски пакет тежок околу 160 милиони евра. Содржи 29 мерки распоредени во четири столба. Има цел да ја придвижи економијата кон динамиката на раст пред пандемијата.

Според премиерот Заев, сега е вистински момент да се поддржи развојната компонента на фирмите. Напомена дека мерките ќе го заокружат процесот на директна помош, затоа што се очекува излез од кризата. Апелираше и до приватните компании да се вклучат кон мерката за репрограмирање на долговите на граѓаните.

Новиот пакет на мерки со кој се фали Владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните, туку е ново ограбување на државата, додека бизнисот и граѓаните трпат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Власта повторно со ниски кампањи, игра на ставот дека ќе ги избришат долговите на граѓаните кон комуналните претпријатија, но ги изоставуваат оние кои редовно ги сервисираат обврските, рече Мицкоски.

Според министерот за финанасии, петтиот пакет е во рамките на постојниот буџет, а мерките се дизајнирани за раст и закрепнување на економијата. Субвенции ќе добијат и здравствените работници, лозарите, со пакетот се опфатени и радиодифузерите во земјава.

 

Сунчица Николоска