Промовирана монографијата „Македонски рок времеплов“ на Тошо Филиповски

16.02.2021 15:53

Биографии во хронолошки приказ на снимки, изданија и концерти, за македонските бендови. Долгогодишниот музички новинар Тошо Филиповски промовираше македонска рок енциклопедија, на 500 страници во 1.000 примероци. Книгата содржи податоци за 333 македонски музички состави од различни жанрови. Вели, должни сме да им оставиме на младите генерации потсетник за нешто што го дефинира културниот идентитет на Македонија...

55 години музичка историја, биографии на 333 бендови, 500 страници, 400 фотографии вградени во македонската рок енциклопедија од Тошо Филиповски. Издржано и изработено со душа, ова дело содржи биографии и на џез, електронски, амбиент, хип хоп бендови, како и од сите поджанрови на рок музиката, како панк, реге, метал.

Имаше само едно правило: во неа нема место за шлагерски, фестивалски, поп и фолк изведувачи, вели Филиповски во најавата на книгата. Должни сме да им оставиме на младите генерации потсетник за нешто што го дефинира културниот идентитет на Македонија.

Тошо Филиповски, e долгогодишен новинар, организатор на музички настани, радио водител, страствен колекционер и документарист на македонското рок- наследство. Истражувал и ја подготвувал Македонската рок енциклопедија цела деценија. Го опфаќа периодот од 1963 до 2018 година. Вели- ова е само прв том.

 

Александра Спировска