Завршни зборови на обвинителите за „Таргет- Тврдина“
Во скопскиот Кривичен суд завршни зборови за масовното прислушување, случајот познат како „Таргет – Тврдина“. Двајцата обвинители кои работеа на случајот ги елаборираат доказите со кои ќе бараат осудителна пресуда. Без судски налог се прислушувале 4.614 телефонски броеви. Обвинети се 12 лица, меѓу кои поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и екс министерката Гордана Јанкуловска. Процесот продолжува во петок со завршни зборови на одбраната...

Политичари, новинари, адвокати, градоначалници - долг e списокот на влијателни луѓе кои незаконски биле прислушувани. Во Кривичниот суд завршни зборови за предметот „Таргет- Тврдина“. Обвинителот тврди дека масовното прислушување било организирано од поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков кој формирал злосторничко здружување и на тој начин од 2008-ма до 2015-та година преку три системи инсталирани во УБК, нелегално биле следени 4.614 телефонски броеви.
Но, снимки се слушале и надвор од кругот на МВР. Преку компјутери во станови лоцирани кај музичкото училиште и во т.н. парламентарна зграда, врзани со оптички кабел до серверот во УБК. Скандалот бил откриен од вработени во Управата, кои во 2010 година експортирале дел од податоците во системите и му ги предале на Зоран Верушевски, кој пак за ова го информирал, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Со обвинението се опфатени 12 лица. Освен Мијалков и се суди и на екс- министерката Гордана Јанкуловска и на уште десетмина вработени во УБК.
Анита Димитријевска- Велковска
