Зошто дарувањето е важен чин во нашиот живот

16.02.2021 17:03

Подарувањето како и примањето дарови или благороден гест, на кои се пристапува со искрени емоции е како да подарите дел од себе и од своите чувства.

Со подароците настојуваме да го отвориме своето срце, да ги развеселиме драгите луѓе, а посебните моменти и пригоди да ги направиме уште поубави со наградување на одредени личности. Подароците имаат длабока смисла, ги потенцираат емоциите и благодарноста. Но во денешно време некои пригоди станаа премногу комерцијализирани. Сепак сите оние што се водени од гласот на срцето, знаат дека дарувањето не мора да се врзува за материјални нешта, и не секогаш се потребни пари за тоа. Доволни се малку фантазија и труд за некоја рачна изработка или гест на нешто што ќе сториме за личноста да го почувствува како дар од срце. Ова има многу поголема вредност од сдудено подарен скапоцен предмет.

Подарувањето како и примањето дарови или благороден гест, на кои се пристапува со искрени емоции е како да подарите дел од себе и од своите чувства.

Какви биле подароците гледани низ историјата

Желбата за подарување е својствена за повеќето луѓе од самите почетоци на цивилизацијата.

Постојат трагови дека и пештерските луѓе меѓусебно си разменувале подароци во знак на љубов, приврзаност или почит. .

Тогаш, ценети подароци биле забите од некои животни, кора од дрво, необично обликувани камења. Во стариот Рим почнал обичајот за дарување во текот на новогодишните празнувања. Најчесто се работело за дарување храна, овошје, зеленчук и зачини.Римјаните први почнале со традицијата за дарување за среќа, а подоцна тој обичај се проширил на сите цивилизации.

Во средниот век со подароците се изразувало почит кон кралевите и приврзаност на одредена страна во битките и војните. Во тоа време идеални подароци биле благородните метали, па дури и пари.

Илјадници години дарувањето во сите култури било поврзано со љубов и наклоност. Со тек на време со овој чин се одбележувале разни пригоди и важни празници.

Кој е психолошкиот ефект на дарувањето ?

Стручњаците велат дека дарувањето е исклучително важен чин во интеракцијата меѓу луѓето. Тоа помага при дефинирање на односите помеѓу луѓето, зајакнување на врската со партнерот, со членовите на семејството и со пријателите.

И подарувањето и примањето дарови има своја смисла, морална вредност, емотивна сила, но и силен психолошки ефект.

Предмети кои примени во за нас важни пригоди, се потсетник на убавите моменти во животот и на драгите луѓе. Се доживуваат како емотивен гест. како потврда дека сме сакани и важни за одредени личности или доказ дека се грижат, мислат на нас, на нашите желби, навики и интереси. Секој поглед на подарениот предмет предизвикува лавина позитивни чувства, што можат да во разубават моментот.Дури и најмалите ситници можат да ви ја исполнат душата и срцето со блаженство и топлина што ќе ви ги поткренат емоциите на високо ниво на радост и среќа. Всушност тоа се причините за дарување и примање подароци и нивно грижливо чување.

Која е смислата на дарувањето?

Со подарокот за членовите на семејството и на пријателите најчесто се искажува радоста за нивните среќни моменти и желбата за овековечување на пригодата.

Примањето подароци ве развеселува и ве поткрева.

Бирањето и чинот на подарување емотивно ве поврзува со личноста на која и подарувате.

Освен за важните пригоди, празници и настани, поводот за дарување не мора нужно да биде поврзан со нив, туку може да биде и резултат на вашите моментални мисли и чувства, како љубов, верност, приврзаност, благодарност, прошка....

Совети за прикладно дарување и примање подароци

Основно непишано правило е да се послуша гласот на срцето и да не биде површно само колку да ја исполните обврската. Примателот мора да има на ум дека некој вложил труд и време за да одбере или направи пригоден подарок и треба да го прими со отворено срце и да искаже достојна благодарност.

Кога се одбира не се тргнува од својот вкус, туку според вкусот на примателот. Тоа покажува колку ја познавате личноста и колку во значи. Не е важно колку чини, нека не биде скап, ама затоа чинот на дарување, направете го несекојдневен.

Обичаи при дарувањето во различни културолошки средини

Во разни земји според традицијата има различни обичаи поврзани со дарувањето. Различните правила на бонтон можеби ќе ви користат ако имате пријатели од различни култури.

Во Италија идеален подарок е цвеќе или чоколадо. Се подаруваат исклучиво парен број цветови, ако се ружи пожелно е да се 6 или 12. Бидејќи во Италија бројот 17 се смета за несреќен број никогаш не подарувајте 17 парчиња од што и да било. Не се подаруваат брошеви и шамивчиња, бидејќи тие се поврзуваат со погреб. Исто така и обвивката на подарокот во црна или златна боја се смета дека се бои на жалост. И виолетовата боја се смета дека носи лоша среќа, па затоа се избегнува.

Во Франција исто така е обичај да се подаруваат парен број цвеќиња, но никако каранфили, затоа што се поврзуваат со лошо расположение. И подарок со лого на фирма се смета за навредлив гест.

Во Белгија скапите предмети се сметаат за мито и не се пожелни за подарок. Од цвеќињата не се пожелни хризантемите, лилјаните и розите, а чест е подарокот веднаш да се отвори пред дарителот.

Во Индија пак се важни уште повеќе детаљи и ритуали при подарувањето. За безобразно и непристојно се смета подавањето на подарокот со лева рака. Спротивно од Белгија, подарокот не се отвора пред дарителот. Црната и белата боја се сметаат за несреќни, но затоа добредојдени се боите кои според нив носат среќа, како зелената, црвената и жолтата. Ако се даруваат пари пожелно е износот да биде непарен.

Јапонците задолжително при посета кај некого носат подарок, но тој не треба да биде непристоен. За такви се сметаат часовниците, шамивчињата, предметите во бела, сина и црна боја, зашто тие асоцираат на смрт и на минливост. И 4 предмети на број не се подаруваат зашто исто така се поврзуваат со смртта. Непристојно е да се подаруваат остри предмети како ножеви и ножици, затоа што тоа се толкува како раскинување на врската со личноста на која и го давате подарокот. За идеален подарок со кој никогаш нема да погрешите се смета налив-перо.

Во Етиопија се подарува со двете раце, никогаш само солева или само со десна. Непристојно се смета и отворањето на подарокот пред дарителот, како и дарување скапи предмети.

Соња Стојановска