Шекеринска на состанок на НАТО министри за одбрана

17.02.2021 09:50

Министерката Шекеринска заедно со министрите за одбрана на 29-те сојузници во Алијансата ќе разговараат за клучните активности на Алијансата и глобалните предизвици...

Министерката за одбрана Радила Шекеринска, денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво - министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска.

Министерката Шекеринска заедно со министрите за одбрана на 29-те сојузници во Алијансата ќе разговараат за клучните активности на Алијансата и глобалните предизвици. Воедно, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе ги започнат и подготовките за Самитот на НАТО кој се планира да се одржи до крајот на годинава.

Теми на состаноците денеска и утре ќе бидат НАТО 2030 и амбициозната агенда за зацврстување на трансатлантската безбедност и одбрана; развојот на технологиите и иновациите и реафирмирање на глобалниот пристап кон глобалните предизвици, како  и финансирањето на одбраната во сите земји – членки, со фокус на зацртаното ниво за извојување на два проценти од бруто домашниот производ за одбраната и минимум 20 проценти од средствата за опремување и модернизација.

На утрешниот состанок, министрите за одбрана ќе разговараат и за мисиите на Алијансата во Авганистан и Ирак, како дел од заедничкиот придонес кон глобалната борба против тероризмот.