Индустриската зона во Зубовце ќе ја намали невработеноста во гостиварско
На инвеститорите им стојат на располагање300 локации за индустриски објекти. Поволностите за купување од едно евро за квадратен метар ги прави достапни до сите што се заинтересирани за отворање сопствен бизнис. Ова ќе значи и отворање нови работни места...

Замислата на неколку млади стопанственици од Гостивар, која ја имале пред повеќе години, од прехрамбената, металната индустрија и услужните дејности се заокружи пред три години кога почна да функционира мини индустриската зона во близина на селото Зубовце, општина Врапчиште. Благодарение на мерките на Владата на Република Македонија релизиран е капитален зафат за вработување и за останување на младите од гостиварско во родниот крај.
„Имено овие пет локации ги има продадено Министерството за транспорт и врски, овој објект подолго време функционира, но сакам да истакнам дека со политиката на владата со почетна цена од едно евро за метар квадратен во последните три години продадени се 74 локации за индустриски објекти, а општините во Македонија кои го презедоа управувањето со државното земјиште, 243 локации. Тоа се некаде 300 локации за индустриски објекти. Нашата цел и тогаш беше да изградиме нови индустриски капацитети да се вработат голем број на луѓе и со тоа даја намалиме невработеноста“, изјави министрерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Само на оваа мала територија во село Зубовце во моментов работат 40 луѓе. Од разговорот со сопствениците, дел од нив најавија дека до крајот на годинава ќе завршат, а дел на почетокот на наредната година. Така што очекувам дека во 2015 година стотина луѓе ќе работат само во оваа мала индустриска зона“, додаде Јанакиески.
Проекти како индустриската зона во селото Зубовце неопходно му се потребни на гостиварскиот крај во кој не остана да работи ниеден индустриски капацитет од минатото, иако некогаш во индустријата работеле околу десет илјади работници.
Емил Јовановски
