Почна вакцинацијата против Ковид-19

17.02.2021 10:44

Први се вакцинираа докторка и главна медицинска сестра од Инфективната клиника, а следи вакцинација и на останатите од оваа јавна здравствена установа.

Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести. Први се вакцинираа докторка и главна медицинска сестра од Инфективната клиника, а следи вакцинација и на останатите од оваа јавна здравствена установа.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска и официјално почна процесот на имунизација против Ковид-19 во земјата.

„Ова се докторка и сестра, дел од персоналот на Клиниката кои изминатата година се бореа за секој човечки живот, деноноќно работеа, докторката Ина и главната сестра Габриела се првите кои ја примија вакцината на „Фајзер“. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника. Следат вработените во сите ковид – центри најпрво тука во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…За време на викендот бониците ширум државата и приватните болници“, рече Филипче.

Посочи дека во вчерашниот разговор со претставници на „Фајзер“ му било најавено дека следната количина од 4.000 дози ќе стигне следната недела, што значи дека сите пријавени за првиот бран на вакцинацијата, тоа се 4.000 здравствени работници кои работат со ковид- пациенти ќе бидат вакцинирани.