Почна вакцинацијата на здравствените работници од ковид- центрите

17.02.2021 13:06

Примариус доктор Добринка Наунова - Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска од Клиниката се инфективни болести и фебрилни состојби се првите кои ја примија вакцината на „Фајзер“ против Ковид-19. Со нив и официјално почна процесот на имунизација. Први ќе се заштитат здравствените работници кои секојдневно се борат со вирусот. Иднава недела, треба да пристигнат и нови 4.000 дози директно од американскиот производител. Министерот Филипче тврди дека системот е добро поставен за да се спроведе оваа, последна фаза од борбата со епидемијата...

Докторка и медицинска сестра кои со целиот здравствен тим од инфективната клиника изминатава година деноноќно се бореа за секој човечки живот, ја примија првата антиковид вакцина на „Фајзер“. Велат се чувствуваат добро, веруваат дека ќе бидат и побезбедни кога ќе бидат во контакт со ковид инфициран.

„За мене ќе биде голема сигурност тоа што примив вакцина. И веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина. Индивидуално е кој колку ќе развие антитела и кој колку ќе создаде имунитет, со кој интензитет на имунитет. Но, заштитната моќ на оваа вакцина е 95 проценти и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95 проценти заштитени. И тоа дава некоја сигурност за понатаму“, изјави д-р Добрика Науновска Јовановска, инфектолог.

Упатија порака дека имунизација е единсвениот начин да ставиме крај на пандемијата.

„Јас ја примив вакцината, се чувствувам одлично, ги повикувам сите да се пријават да се вакцинираат. Секако дека се чувствуваме посигурни, со вакцинацијата ќе се намали и бројот на ново заболени и полека ќе почнеме да се вараќаме во нормален живот“, рече Габриела Темелковска, главна сестра на Инфективната клиника.

Монтажната болница е пунктот каде се врши имунизацијата на здравствените работници во земјава . На првиот ден, се вакцинираат 260 медицински лица - лекарите и сестрите од Инфективната клиника, потоа од болницата „8-ми септември“ и од останатите ковид- центри. Се имунизира во две смени, а термините се на 10 минути. На секој здравствен работник кој ја прима вакцината веднаш му се резервира и втора доза за ревакцинација. Според планот за 10-тина дена ќе бидат имунизирани сите здравствени работници ангажирани во ковид- центрите.

„Во вчерашниот разговор со претставниците на „Фајзер“ ни беше најавено дека следната количина од близу 4.000 дози ќе стигнат следната недела. Тоа значи дека сите пријавени за првиот бран на вакцинација, а тоа се 4.000 здравствени работници кои во моментов работат со ковид пациенти ќе бидат вакцинирани. Ќе ја започнеме и кампањата за подигање на света. Многу е битно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни и дека без разлика од кој производител доаѓаат сите се развиваат на безбедни платформи“, нагласи министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцинацијата во земјава почна со 4.680 дози од вакцината на „Фајзер“ од предвидените 8.000 илјади кои ни ги донираше соседна Србија. Со нив ќе можат да се имунизираат повеќе од 2.000 здравствени работници. До крајот на месецов, според најавите на здравствените власти, во земјава ќе има 200 илјади кинески вакцини, со кои ќе започне имунизацијата на населението.

 

Андријана Атанасовска