САД

Над дваесет мртви во студениот бран

17.02.2021 13:29

Смртни случаи се регистрирани во Тенеси, Кентаки, Луизијана и во Тексас. Две лица починаа од труење со јаглерод моноксид во куќната гаража во Хјустон. Во втората по големина сојузна држава во САД се отворени 35 засолништа, но повеќето од нив не функционираат поради недостиг од електрична енергија.

Студениот бран во САД усмрти дваесетина луѓе. Смртни случаи се регистрирани во Тенеси, Кентаки, Луизијана и во Тексас. Две лица починаа од труење со јаглерод моноксид во куќната гаража во Хјустон. Во втората по големина сојузна држава во САД се отворени 35 засолништа, но повеќето од нив не функционираат поради недостиг од електрична енергија. Капацитетот во Центарот за конвеции е исполнет. Оние кои се обидоа да се снајдат без помош од властите, се соочија со лизгави, затрупани или непроодни патишта. Само во едно деноноќие во Хјустон биле регистрирани над 120 незгоди. Блокадите во сообраќајот предизвикаа проблем со доставата на вакцините така што во одредени области е запрена и имунизацијата против ковид-19. Претседателот Џо Бајден одобри прогласување на вонредна состојба во Тексас каде што во последниве три децении не биле регистрирани сибирски температури.
„Лошо е, ние во Тексас не можеме да се подготвиме за студот. На кое било друго место во Америка, ова немаше да е проблем.“

„Немам струја од вчера. Куќата нагло се излади по полноќ, ги извадивме сите ќебиња, спиевме заедно за да се топлиме. Телефоните ги полневме во автомобилите. Изутринава видовме дека немаме ни вода.“

„Немаше струја, се возевме скоро цел ден. Имаме две деца, мораме да бидеме во топол простор, овде спиевме.“

Покрај снежните наноси, зимската бура „Јури“ предизвика и торнадо во Северна Каролина во кое има жртви. Во Луизијана е воведен полициски час за да го спречи движењето по замрзнатите патишта. Во моментов е проценето дека над 70% од територијата на САД се под снежна покривка. Метеоролозите најавуваат слични временски услови до крајот на работната недела.

Маја С. Филдишев