Ќучук: Да се врати довербата, историјата да се остави на историчарите

17.02.2021 14:32

Да се врати довербата меѓу Македонија и Бугарија, да се решаваат билатералните прашања, а историјата да се остави на историчарите- од Скопје порача известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук. Вели дека не само за државава, туку и за Бугарија е стратешки да бидеме во ЕУ. Европскиот парламент да го вреднува напредокот - порача шефот на дипломатијата Османи...

Билатералните прашања да се решаваат билатерално, историјата да се остави на историчарите, а реформите да продолжат интензивно, порача од Скопје известувачот во Европскиот парламент Илхан Ќучук, по средбата со шефот на дипломатијата Бујар Османи. Ќучук порача дека меѓусебната доверба мора да се врати и дека заедничката комисија треба да продолжи со работа.

Шефот на дипломатијата Османи исакна дека нашата страна испорача на сите полиња и заслужува вреднување, додавајќи дека Европската унија треба да ја одржи меѓувладината конференција. Во однос на Бугарија пак, Османи истакна дека сме подготвени да ги отстраниме сите пречки кон полноправното членство во Унијата.

Дводневната посета на Ќучук се реализира во пресрет на гласањето на нацрт резолуцијата за Македонија во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент. Ова е централна тема и на средбите на Ќучук со државниот врв и останати политички и државни претставници.

 

Марија Котовска