Пендаровски не се согласува етничката припадност да биде во личните карти

17.02.2021 15:07

Не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Мкд.мк“. Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и законот биде донесен во регуларна постапка, со став дека уредбата нема да ја растури државата ниту ќе има негативни последици, шефот на државата вели дека нема многу големи аргументи контра таквиот став и во таков случај би го потпишал указот...

Шефот на државата Стево Пендаровски не се согласува во личните карти да ја пишува и етничката припадност на граѓаните, но вели дека доколку за тоа се договорат партиите, ако за законот има мнозинство во Парламентот тој нема големи аргументи контра таквиот став за да не го потпише указот. Во интервју за „Мкд.мк“ Пендаровски вели:

„Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Мене не ми пречи, не мислам дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата, ниту дека ќе има негативни последици. Лично не се согласувам, но ако го изгласаат во таков облик, јас ќе го потпишам указот иако не се согласувам тој детаљ да стои во личните карти.“

И додека премиерот Заев нема проблем со впишување на етничката припадност на граѓаните во личната исправа, дел од неговите коалициски партнери сметаат дека тоа е спротивно на граѓанскиот концепт. Со предлогот на БЕСА, согласни се Алијансата и Алтернатива, но на тоа цврсто се спротистави Левица која поднесе 1.200 амандмани.

ВМРО – ДПМНЕ изгласувањето на измените во законот го условува со амандман, во личните карти да не се користи Северна, иако партијата прифати да ја пишува етничката припадност.

Инаку, в петок партиски работни групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ треба да почнат разговори за измени во Изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека прифаќаат, за парламентарни избори Македонија да биде една изборна единица, а за локалните да има отворени листи. Опозициската партија не исклучува бојкот на изјаснувањето за градоначалници и советници оваа есен ако нема гласање со отпечаток од прст.

 

Миле Ристески