Со месеци се чека термин за туѓа нега
Тешко болни пациенти со месеци чекаат да добијат термин на електронскиот систем „Мој термин“ за туѓа нега. Со овој проблем се соочуваат матичните лекари од Куманово. Од здружението на матични лекари од Куманово бараат Министерството за здравство во општите болница низ државата, да формира по неколку комисии. Македонската телевизија побара, но не доби одговорот од министерството.

Нема слободни термини на електронскиот систем „Мој термин“ за туѓа нега. Пациентите се принудени да чекаат со месеци да ги прими комисијата. Претседателот на здружението на матични лекари од Куманово информираа дека само кај него на листа чекаат 40-ина пациенти. Укажува дека со овој проблем се соочуваат и останатите лекари.
„Чекаат по 2-3 месеци, 80 проценти од матичните лекари немаат закажано 3 или 4 месеци за пациентите кои бараат термини за туѓа нега. Нема термини поради тоа што во Куманово работи една комисија и тоа само осум дена во месец. Порано пред една година направивме термини и самите пациенти одеа на комисија, чекаа до 10-15 дена, но сега поради пандемијата мал број на термини се“, вели Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.
Претседателот на матичните лекари од Куманово предлага Министерството за здравство, барем во време на пандемија, во општите болница низ државата, да формира по неколку комисии, за да се надмине овој проблем.
„Пациентите вршат голем притисок, бидејќи кога одат во центарот за социјална заштита им велат дека им претстанува помошта од првата туѓа нега, бидејќи поминала една година и тие вршат притисок дека матичните треба да им најдат термини. Доаѓаме во судир со пациентите бидејќи тие не веруваат дека вината не е кај нас“- укажува Асани.
Правото за нега вообичаено се дава на лица кои не можат да се грижат сами за себе, а се движи од околу 4.000 денари месечно. Оние кои земаат надомест, мора истиот да го обновуваат еднаш годишно.
Од Министерството за здравство побаравме, но не добивме одговор дали и кога ќе се зголеми бројот на термини за туѓа нега, бидејќи реагираат матичните, но и пацинетите, кои чекаат со месеци.
Елена Георгиевска
