Бизнис заедницата резервирана, партиите со спротивставени ставови за петтиот пакет мерки
Бизнис заедницата резервирана во ставовите околу петтиот пакет мерки, партиите со спротивставени ставови. За ВМРО-ДПМНЕ нема да се подобри економијата, тие се само за замајување на јавноста. За владејачката СДСМ ќе помогнат да се врати економскиот раст меѓу 4 и 5 проценти, како пред пандемијата...

Бизнис заедницата внимателно ги анализира 29-те мерки шти ги објави Владата со петтиот пакет за поддршка на стопанството и на граѓаните за полесно излегување од кризата предизвикана со Ковид- 19. Од Стопанската комора на Македонија се задоволни со можноста фирмите сами да одлучуваат за моделот на користење на средствата за исплата на плати, но сметаат дека мерката за поддршката на хотелите кои се вон туристичките центри е различна од нивниот предлог и нема да го има посакуваниот ефект. Фондот за поддршка на извозните компании за комората е прифатлив, но бараат неискористените блок дотации да се стават во функција на раздвижување на градежништвото.
За опозицијата петтиот пакет мерки е за замајување на јавноста и нема да ја подобри економијата, а власта досега веќе требаше да набави 2 милиони дози вакцини. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Владата со неколку месеци задоцнување конечно предлага нов пакет мерки. Според оваа партија критериумот за пад на приходи од 30 насто за исплата на плати треба да се симне на 15, а неразбирливо е на фирмите да им се забрани користење субвенција за плата, доколку користат кредит од Развојна банка.
„И овој пат, како и при промоцијата на претходните неколку пакет мерки, дел од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на нискиот капацитет на Владата за оценка на последиците од кризата и слабо таргетирање на мерките. Да потсетиме дека претходните четири пакети мерки требаше да тежат 1, 2 милијарди евра, или 11% од БДП, но сепак реализацијата потфрли до тој степен што истите достигнуваат скромни 3, 5% од БДП“, изјави Трајко Славески- член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката СДСМ со став дека со мерките од Петтиот пакет се настојува да се дојде до стапка на економски раст меѓу 4 и 5%, како пред пандемијата, а насочени се кон најпогодените сектори : туризмот, угостителството, транспортот, занаетчиството, индустријата за организирање настани.
„Мерките се донесени низ инклузивен пристап и во партнерство со сите засегнати страни, а кај повеќето од мерките предвидено е поддршката да трае до крајот на 2021 година, со цел да имаат поголемо влијание врз економијата низ целата година. И овој пакет мерки, исто како претходните четири има за цел да спаси што повеќе работни места, но истовремено и да ја раздвижи економијата, да биде подинамична и поконкурентна“, вели Костадин Костадинов- портпарол на СДСМ.
Асоцијацијата за организирање настани е незадоволна и експресно ги отфрли новите мерки. Потсети дека нејзините членки една година не функционираат и дека е нејасно кои државни проекти ќе се промовираат со мерката 11, според кои критериуми и дали ќе бидат ангажирани само одбрани или пак сите фирми од оваа индустрија.
Свето Николовски
