Што е успех и како се доживуваме себе си
Винстон Черчил рекол успех е да го сакаш тоа што го работиш, а не да го работиш тоа што го сакаш. Дали сте се запрашале што е за вас успех, дали се сметате за успешен човек?
Успехот е многу индивидуална перцепција за животот и комуникацијата со сѐ околу нас, па и со самите себе си . Успех е ако самите сме задоволни со својата состојба на умот. Менталната состојба на поединецот често пати е појдовна точка за остварување на сите други животни успеси и игра многу важна улога во изградба на исполнет живот. Некогаш поттик за успех е совет од пријател, поддршка од саканит, но понекогаш и критика или желбата за докажување себе си и на другите дека можете нешто во кое верувате, а другите се скептични. За некого се мали секојдневни нешта, чувства, добра комуникација, радост и благодарност за сѐ што сме и за сѐ што имаме, а за други е материјално богатство, врвни спортски, уметнички или деловни дострели, стекнат имот и така натаму. Успехот не треба да се мери само со функцијата и местото до кое некој стигнал во животот, туку со пречките кои морал да ги совлада, затоа што нема секој иста појдовна точка.
Успех е да се доживува неуспех по неуспех и да не се изгуби ентузијазмот.
За да успееш, желбата за успех мора да биде поголема од стравот од неуспех.
Еве како научните и психолозите заклучиле што се смета за успех. Истражувањата покажале дека доживувањето за среќа и успешност треба да содржи баланс од 4 животни области. Обично се мисли дека некој е успешен кога е богат, познат или славен. Но доживувањето и за тоа е сосема различно.
Истражувањата кои траат 40 години креирале методологија која константно се развива , а позната е како Невро лингвистичко програмирање (НЛП).
Некој оптимален просек би бил избалансираност меѓу благосотојбата, здравјето, хармоничните меѓучовечки односи и личните достигнувања. Благосостојбата подразбира не само да имаме сѐ што ни е потребно, туку да имаме слобода да го правиме она што го сакаме.
Здравјето за некого е способност да трча на маратон, а за некого да оди без патерици.
Хармоничните меѓучовечки односи треба постојано да се градат и одржуваат со луѓето што ни се важни. Богатите успешни луѓе често пати се презафатени и се несреќни зашто не поминуваат доволно време со тие што им се најмили.
Личното достигнување или сврха на својот живот, е кога луѓето се исполнети со задоволство и со пријатни чувства за она што го прават. Само така се остварува својата животна визија, а нашата акција или делување, добива насока и смисла. Тоа создава и творечка енергија, а деновите се исполнети со радост, лесно стануваме, со радост работиме, постојано сме мотивирани.
Многу успешни луѓе дале сопствена дефиниција за успехот. Пабло Пикасо сметал дека активноста и создавањето се основен клуч за секој успех. Леонардо Да Винчи рекол-„ Одамна сум забележал дека успешните луѓе ретко седат и чекаат да им се случат некои работи, тие излегуваат и им се случуваат на работите“. Александар Македонски рекол -„Ништо не е невозможно за оној што има волја да се обиде“.
Соња Стојановска