Османи во работна посета на Белград на средби со државниот врв
На средбите ќе се разговара за состојбата со билатералните односи, можностите за нивно интензивирање и продлабочување со нови форми и содржини од заемен интерес, посебно во областа на економијата и трговската размена, во која веќе Република Србија претставува наш значаен партнер.

Шефот на дипломатијата Османи денес е во работна посета на Република Србија. За време на посетата, покрај средбата со министерот за надворешни Селаковиќ, Османи ќе биде примен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ќе оствари средби со претседателот на „Народната Скупштина“, Ивица Дачиќ и со претседателката на Владата, Ана Брнабиќ- соопштуваат од МНР.
На средбите ќе се разговара за состојбата со билатералните односи, можностите за нивно интензивирање и продлабочување со нови форми и содржини од заемен интерес, посебно во областа на економијата и трговската размена, во која веќе Република Србија претставува наш значаен партнер.
Воедно, соговорниците ќе разменат мислења во врска со актуелните состојби во нашиот регион, регионалната соработка, како и предизвиците и перспективите на државите во однос на процесот на интеграција во европските и евроатлански структури и можностите за соработка и меѓусебна координација.
Во услови на сложена пандемија и започнување на процес на вакцинација, ќе бидат разгледани напорите и активностите на двете влади во справувањето со последиците и ограничувањата во борбата со вирусот Ковид19, како и меѓусебната соработка и координација на тој план.
