Светот обединет во одговор на пандемијата со Ковид-19
Светот обединет во одговор на пандемијата со Ковид-19. Австралија в понеделник стартува со „Фајзер“. Венецуела ја одбра вакцината „Спутник“. Во Пентагон се загрижени бидејќи третина американски војници не се согласуваат да ја примат вакцината. Досега 22 милиона луѓе се вакцинирале со една, а 7 милиони со две дози...

Апелите за брза и безбедна имунизација ги обедини државите на глобално ниво во одговор на пандемијата. Австралија објави дека в понеделник почнува со вакцинација со „Фајзер“. На луѓето над 80 години, здравствените работници и на карантинскиот персонал ќе им биде даден приоритет.
„Секоја држава и територија ќе биде опфатена. Мора да се почне од некаде и да се заврши со овој процес. Наша цел е да ги вакцинираме жителите на Австралија што е можно посигурно и побрзо“, изјави Грег Хант, министер за здравство на Австралија.
И Венецуела почнува кампањата за имунизација. Претседателот Мадуро најави дека првите 100 илјади дози на руската вакцина Спутник-5 идната недела ќе ги примат медицинските лица.
„Ја одобривме вакцината Спутник затоа што нашите научни испитувања ја потврдија нејзината целосна безбедност. Во првата фаза ќе го вакцинираме целиот медицински и здравствен персонал“, рече Мадуро.
Вакцинацијата е во тек и во САД. Во Пентагон се загрижени бидејќи третина американски војници не се согласуваат ја примат вакцината.
„Во наш интерес е да бидеме што е можно отворени и транспарентни. Тоа е доброволна вакцина. Луѓето сами одлучуваат дали сакаат да ја примат вакцината или не“, вели Џон Кирби- портпарол на Пентагон.
Според последните статистики на ЕУ со околу 33 милиони дози вакцини се имунизирале 22 милиона со една доза, 7 милиони луѓе со две дози. Во моментов, во ЕУ одобрени се три вакцини: „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „АстраЗенека“. Европската комисија потпиша договори за набавка со „Џонсон и Џонсон“, „Санофи-ГСК“ и „Кјурвак“. Амбициозните планови на Брисел се дека до средината на септември, околу 70% од европејците ќе бидат вакцинирани.
Маријана Димовска
