Продолжува имунизацијата на здравствените работници
Продолжи имунизацијата на здравствените работници во модуларната болница во Инфективната клиника. Велат - добро се чувствуваат и не очекуваат несакани ефекти. Според нив, последиците од коронавирус по здравјето се големи и препораката е да има што помасновна вакцинација...

Во модуларната болница близу скопска Инфективна, продолжи имунизацијата на здравствените работници. Ја примаат првата доза од производителот „Фајзер“, и веднаш им се закажува термин за ревакцина. Оние што ги анкетиравме, велат добро се чувствуваат и не очекуваат несакани ефекти.
Последиците од корона вирусот по здравјето се огромни, затоа препораката на лекарите е сите да ја примат вакцината. Маски и лична заштита и натаму ќе се носи, но граѓаните ќе бидат поспокојни.
На првиот, стартен ден од имунизацијата, 202 медицински работници ја примија првата доза.
Засега имунизацијата се реализира со 4.680 вакцини од вкупно 8.000 обезбедени преку српска донација. Останатите количини соседот ќе ги испорача следната недела. До крајот на месецот се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинески „Синофарм“.
Анита Димитријевска Велковска
