Средба Османи – Селаковиќ во Белград
Шефот на дипломатијата Османи во работна посета на Белград. Оствари средба министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ. Потврдена решителноста за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу двете држави...

Шефот на дипломатијата Османи во работна посета на Белград. Оствари средба министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ. Потврдена решителноста за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу двете држави. Обострано е констатиран нагорен тренд во севкупните односи, како и заемна подготвеност тие да бидат збогатени со нови содржини, со цел подобрување на комуникацијата и соработката меѓу двете земји, соопшти МНР.
„Една од главните точки на мојата посета е заедно со мојот колега да го вратиме интензитетот на политичкиот дијалог меѓу двете земји на нивото пред пандемијата Ковид-19. Го пренесов нашиот интерес, но и очекување, за скора реализација на Третата заедничка седница на двете Влади, како најдобар начин да се конкретизираат замислите и да се реализираат иницијативите кои ќе бидат во интерес на двете држави и граѓаните на двете земји“, истакна Османи, посочувајќи на заеднички проекти во економијата, енергетиката и инфраструктурното поврзување.
На средбата се разговараше и за очекувањата во однос на европските интеграции на двете земји, посебно за време на португалското претседавање со Советот на Европската унија.
„Европската перспектива е наша заедничка определба. Република Србија веќе долго време како преговарач со ЕУ, а Република Северна Македонија уште подолго како земја – кандидат. Не смееме да дозволиме да биде срушен кредибилитетот на процесот на проширување, кој поради честите застои, постојаните одложувања и очигледната непредвидливост е под сериозна закана. Европската перспектива претставува најсилната политичка сила за трансформација на нашите општества и ако сакаме безбеден, стабилен и европски Балкан, мора да го зачуваме и кредибилитетот на европските перспективи“- посочи Османи.
Во однос на актуелните регионални предизвици, министерот Османи го пренесе принципиелниот став за поддршка на дијалогот Белград и Приштина, посочувајќи дека како блиски соседи, имаме директен интерес и гледаме со наклонетост на успехот на овој процес.
