Политика

Апаратите за отпечатоци во правни лавиринти

18.02.2021 16:22

Заев ја повика Државната изборна комисија што побрзо да ја почне постапката за набавка на апарати за отпечаток од прст, Мицкоски го бара тоа од Владата. ДИК ја сака од МВР базата со лични податоци...

Премиерот Заев ја повика Државната изборна комисија што побрзо ја почне постапката за набавка на апарати за отпечаток на прст, неопходни за локалните избори на есен. Вели дека владините служби и стојат на располагање на ДИК, МВР е подготвено да ја даде базата на податоци. Верува дека може да се стигне навреме за изјаснувањето за градоначалници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак ги повика институциите што поскоро да ѝ обезбедат ресурси на Државната изборна комисија за да се набават апаратите за отпечаток од прст. Оптимист е дека има доволно време за да се затвори овој процес кој е и законска обврска.

Во однос на измените за Изборниот законик, власта останува на ставот - една изборна единица на парламентарните избори, отворени листи на престојните локални. И опозицијата е за една изборна единица на параламентарните, за локалните ќе предложи избор на градоначалници во прв круг.

За новиот изглед на личните карти, премиерот Зоран Заев вели дека вметнувањето графа за етничката припадност не е спротивно на Преспанскиот договор. Мицкоски го повика, ако навистина сака националноста да се впише во личните карти, до Парламентот да достави закон со европско знаменце.

Наташа Гркова Петрушевска