НАСА

Почеток на потрагата за микробиолошки живот на Марс

19.02.2021 13:18

Летало на НАСА слета на Марс. Ќе бара одговор на вечното прашање, дали на црвената планета некогаш имало живот. Проект вреден 2,7 милијарди долари...

Американската вселенска агенција во уште една успешна мисија. По седуммесечно патување од Земјата, најмодерната астробиолошка лабораторија пратена на друга планета се проби низ атмосферата на Марс и се приземји на површината на Црвената планета. Двегодишната мисија на роверот  „Истрајност“ е фокусирана на потрага по знаци за живот. Со проектот  вреден  2,7 милијарди долари ќе се земаат примероци од карпите и истите ќе се праќаат на анализа на  Земјата.

,,Прегорд сум на тимот и на нивното достигнување во вакви тешки околности. Еден час по слетувањето имав телефонски повик од претседателот на САД. Неговите први зборови беа: Честитки, човеку“, изјави Стив Јурџик, администратор на НАСА.

„Ова е тешка задача, задоволство и големо олеснување е што ја завршивме. Добро е што леталото е во одлична состојба“, рече Мет Волос, заменик- менаџер на проектот за Марс.

Почетна точка на леталото со шест тркала е кратерот „Језеро“ на северната полутопка на Марс. Отворот широк 45 километри беше именуван по место во Босна и Херцеговина. Терминот е избран зашто на повеќето словенски јазици означува природна вдлабнатина или депресија исполнета со вода.

„Кога Меѓународната астрономска унија го смислуваше името, не беа важни етничкиот идентитет, успехот или економската моќ. Ним им беше важна сличноста на релјефот на кратерот и на општината Језеро така што името е донесено стриктно од научни причини. Воодушевен сум што научниците не се занимаваат со граници, не само на Земјата туку и подалеку, во универзумот.“

НАСА има уште три сателити во орбитата на Марс заедно со два на Европската вселенска агенција. Црвената планета не е атрактивна само за САД. Минатата недела во орбитата на Марс влегоа сонди на Обедиентите Арапски Емирати и на Кина.

 

Маја С. Филдишев