ДКСК со пријава за директорот на МЕПСО Рамадани

19.02.2021 13:32

Антикориупциската комисија изгласа прекршочна пријава за директорот на МЕПСО Рамадани кој и покрај одредбите од Законот за енергетика беше поставен за директор на државната енергетска компанија. Комисијата со став дека министерот за земјоделство Хоџа го прекршил кодексот на однесување на членовите на Владата...

Случајот со Куштрим Рамадани ги подели антикорупционерите. Прекршочната пријава против директорот на МЕПСО ја изгласаа со четири гласа за и три против. Мнозинството остана на ставот дека претседателот и членовите на РКЕ во рок од две години по престанувањето на вршењето на јавните овластувања и должности, не можат да бидат именувани како членови на орган на управување на вршителите на регулирани енергетски дејности како и на вршителите задолжени за обезбедување на универзална и јавна услуга.

Антикорупционерите се едногласни за случајот на министерот за земјоделство Хоџа поради неговата изјава дека неговиот приватен бизнис не претставува судир на интереси, сѐ додека фирмата не добива ништо од државата и дека за неговата фирма решавал лично тој. Комисијата оцени дека министерот го прекршил кодексот на однесување на членовите на владата, принципот на заштита на угледот на владата и на одговорноста, и бараат владата да му изрече соодветни мерки.

Антикорупционерите не утврдија судир на интереси кај скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Државната комисија за спречување корупција предметот за Шилегов го отвори по службена должност откако опозицијата обвини дека Град Скопје ја најмила за консултантски услуги адвокатската канцеларија „Шилегов и партнери“, кадешто основач е градоначалникот.

Фиљана Кока