Почна имунизацијата на здравствените работници од внатрешноста
За два дена се вакцинирани 453 здравствени работници што се најизложени на Ковид- 19. Денеска почна имунизацијата со вакцината на „Фајзер“ и на здравствениот персонал на ковид- центрите од внатрешноста. Преку веб страната „Вакцинација.мк“ и преку матичните лекари досега интерес за вакцинација пројавиле над 90 илјади граѓани...

Лекари и медицински сестри кои лекуваат ковид позитивни пациенти во болницата во Кавадарци, ја примија првата доза од вакцината „Фајзер“. Во модуларната болница почна и имунизацијата на медицинскиот персонал од внатрешноста. Тимот од 15-тина здравствени работници од Кавадарци велат воопшто не размислувале дали ќе се имунизираат, утре вакцина ќе примат и преостанатите колеги од болницата.
„Имам прележано ковид уште во септември, дојдов да се вакцинирам и им препорачувам на сите бидејќи видов болеста како се одвива тешко и заради тоа не се двоумев. Кога најголем дел од населението ќе биде вакцинирано тоа е единствениот начин болеста да исчезне“, изјави д-р Александар Ридов – инфектолог во Општата болница во Кавадарци.
За два дена во земјава имунизирани се 453 здравствени работници. Досега од вакцината нема пријавено посериозни контраиндикации.
„Очекувам можеби некоја локална промена, така и ни напоменаа. Но не очекувам други проблеми. Апелирам сите да се вакцинираат за да имаме што помалку работа и да бидеме здрави, да нема веќе ковид“, изјави Даниела Миленковиќ Пановска – медицинска сестра во ЈЗУ Општа болница Кавадарци.
„Пополнуваме формулари дали сме алергични, дали имаме претходни заболувања, дали примаме некоја терапија. Мораме да се вакцинираме, да се заштитиме, бидејќи ротираме во ковид- центрите, мораме“, вели медицинската сестра од кавадаречката болница, Елизабета Митрева.
Македонските власти не преговарале за набавка на руската вакцина „Спутник“, бидејќи како што велат, веќе имале потпишано договор со Ковакс механизмот и со кинеската „Синофарм“. Според премиерот Заев не се работи за игнорирање на руската вакцина, туку да не се добијат повеќе вакцини отколку што се потребни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на социјалната мрежа возврати- кога немавме ниту една вакцина власта велеа намерно не набавувале за народот да не помисли дека прават експеримент. Сега внимавале да не земат повеќе вакцини, напиша Мицкоски.
Преку веб страната „вакцинација.мк“ и преку матичните лекари досега интерес за вакцинација пројавиле над 90 илјади граѓани.
Андријана Атанасовска
