Крива Паланка трпи последици од ковид-кризата

19.02.2021 15:05

Ковид кризата не ја одмина ниту Крива Паланка. Текстилната и кожарската индустрија ги трпат последиците. Погодени се и трговските и угостителските објекти, бидејќи ги нема посетителите од соседна Бугарија.

Бизнис секторот во Крива Паланка трпи последици предизвикани од ковид-кризата. Текстилната и кожарската индустрија работат со половичен капацитет. Значаен удел за ваквата состојба, според првиот човек на општината, имаат затворените граници. Во Крива Паланка ги нема посетителите од соседна Бугарија, кои секојдневно ги посетуваа трговските и угостителските објекти.

„Имавме на дневна основа прилив по можеби 100-ина или 200 шопинг туристи кои што доаѓаа, купуваа во нашите трговски објекти, ги користеа угостителските објекти, сега за жал тоа го немаме. Се, се тоа реални последици кои оставаат траг во нормалното работење и функционирање, но се надевам дека и покрај сите овие предизвици, во скоро време ќе можеме да излеземе како победници во овие услови на пандемија“, посочи Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.

Градоначалникот на Крива Паланка вели дека радува што бројката на позитивни случаи се намалува. Тој укажа дека активно се следи и состојбата во воспитно образовните институции, па во моментов само еден вработен и двајца ученици се во изолација. Но, првиот човек на Крива Паланка, како и кривопаланчани сметаат дека мора да продолжи почитувањето на мерките за заштита од вирусот. Голем дел од граѓаните веќе се пријавиле за вакцинација.

„Се пријавивме веќе за вакцинација и ќе примиме“- вели еден кривопаланчанец.

„Задолжително прв, јас се пријавив таму“- додава друг граѓанин.

„Ќе се вакцинираме, немаме проблем со тоа“- нагласува трет.

„Пријавени сме и ќе се вакцинираме, на бизнисот влијае негативно, како во сите градови така и во општина Крива Паланка“- дополнува друг.

Од почетокот на пандемијата, бројката на заболени од вирусот Ковид-19 во Крива Паланка изнесува 800, додека бројката на починати се искачи на 30 лица.

 

Елена Георгиевска