Македонскиот образовен систем создава компјутерски познавачи и дигитално неписмени генерации

21.02.2021 14:25

Пандемијата го потенцираше процесот на дигитално прилагодување. Децата се постојано пред монитор, но колку македонското образование одговара на нивните потреби? Што учат и колку се безбедни во дигиталниот свет? Експертите велат дека создаваме компјутерски познавачи и дигитално неписмени генерации, а тоа е опасно...

„Глувчето е уред за покажување и избирање, селектирање објект прикажан на екранот. Ова ние го знаеме и не ни е интересно за да го учиме во шесто одделение.“

По цел ден пред монитор, малку заради учење, малку заради забава, но сама ги совладува предизвиците. Шестоодделенката Мила ја сака магијата на дигиталниот свет, но не може да ја пронајде и во содржините на нејзиниот учебник по информатика.

„Од второ одделение имам компјутер, имам глувче и тогаш научив се за него. Еве јас би сакала да учиме како да креираме игри, како да учиме да работиме на други програми...“ вели Мила.

Многу ли сака Мила? Веројатно не! Таа е само дел од новата генерација која порасна пред македонскиот образовен систем. Првата нелогичност ја гледа во тоа што најпотребниот предмет и е застапен само два пати во неделата, а за компјутери прв пат почнуваат да учат во трето, информатика од шесто одделение. Универзитетскиот професор Азир Алиу вели дека со години создаваме компјутерски познавачи без дигитално да ги описмениме, а тоа според него е многу ризично.

„Ако немаме дигитална писменост, вие или погрешно ќе ги користите дигиталните вештини или воопшто нема да ги користите. Нема да ги употребувате на правилен начин и нема да го извадите од вас најдоброто. Пред неколку години во нашиот курикулум имавме т.н. компонента за дигитална писменост. Тоа значеше дека секој наставник во текот на учебната година требаше да користи дигитални технологии се со цел да има интерактивен час. Заради таа реформа, која што не беше целосна, од аспект на едукација и дигитална писменост на наставниците, на родителите и на децата, се сведе на користење на технологии без јасна цел“, истакнува професорот Алиу.

Освен кратката обука на Бирото за развој на образованието и МОН, училиштата самоиницијативно не му помогнале на нивниот кадар за користење на компјутерски алатки за да се подобри наставата. Ова го покажало истражувањето на здружението Лидери за едукација, активизам и развој, кое работело на прашања за образованието за време на пандемијата, на примерок од 68.334 средношколци и 20 наставници низ целата држава. Учениците ја оцениле дигиталната настава со тројка. Според Сојузот на средношколците, кај нас недостигаат стандардизација и јасни насоки од МОН како да се одвива онлајн наставата.

Од Бирото за развој на образованието тешат дека со реформите кои се подготвуваат системот ќе им излезе во пресрет на младите.

На европско ниво од оваа година е усвоен нов акциски план за дигитални компетенции, којшто ќе го следиме и при развивањето на новите наставни програми за изучување на информатиката во нашите училишта и обезбедување компетенции на учениците кои што ќе завршат основно образование поеднакви како нивните врсници во Европа. Значајно е што информатиката треба да биде и во служба” на другите наставни предмети и знаењата и вештините што учениците ќе ги стекнат преку нив“, вели Беќир Хасани, директор на биро за развој на образованието,

Согласно визијата на акцискиот план, предвидена е интеграција на предмети, но останува за компјутери да се учи како и до сега, на осум години. Понатаму во акцискиот план стои дека учениците треба да се стекнат со дигитална писменост, како и користење на вештачка интелигенција.

Но од каде треба да се почне за да се осовремени компјутерското озбразование во земјава? Според истражувањето на здружението Лидери за едукација, активизам и развој, најголем дел од наставниците ја имаат спроведувано далечинската настава од својот дом, со свој сопствен компјутер, бидејќи училиштата немале доволно уреди или пак имале слаб интернет. Земајќи предвид дека образованието треба да биде достапно за сите подеднакво, загрижува податокот што 21% од учениците се пожалиле дека немаат стабилна интернет конекција, а 4% немаат уред за следење на наставата. Слични недоследности покажало истражувањето на Институтот за комуникациски студии направено пред пандемијата.

„Се покажа дека подготвеноста на училиштата не кореспондира со целите предвидени во наставната програма. Што значи тоа? Ќе снема интернет, па наставникот мора да се адаптира, да пушта хот-спот за да ја следи наставата или да покаже некоја вежба. Од друга страна ќе им рече на учениците пуштете го мобилниот телефон, а правила на училиштето е дека не треба да се употребуваат мобилни телефони. Имаше некои работи кои не беа доволно прецизирани, но и недоволно е вложено кога зборувам за инфраструктура за да може да се следи ваков тип на настава, една третина од наставата да биде преку информациско-компјутерски технологии“, вели Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии.

Кога не можете да го најдете потребното во училиште, тогаш го барате во едукативните центри. Во еден таков работи Даријан Раденковиќ кој вели дека очигледна е дупката која не ја пополнува македонскиот образовен систем.

„Она што недостасува во целиот овој процес е прилагодување на вештините кои што се стекнуваат со помош на овие алатки и нивно прилагодување на она што го бара пазарот на труд. Пазарот на труд бара малку поинаква квалификација, флексибилност во наставата, предвидува доживотно учење. Ние денеска мораме да креираме генерации кои што не само што ќе научат нешто фактографски, туку ќе бидат спремни да се прилагодат на динамичните промени што ги носи секојдневието“, вели Даријан Раденковиќ.

Немање познавање за дигитално здравје- колку е здраво да се седи пред монитор, како да се бира потребниот инвентар за пред компјутер, што да се прави пред екран? Кабинетот по информатика не смее да биде само просторија со компјутер, вели професорот Алиу. Таму мора да има лиценцирани софтвери за секој предмет, а содржината да им даде знаење на учениците за важни теми како што се безбедност на интернет, сајбер малтретирање, етика и емпатија.

„Се бавиме со теми кои што се парцијални во дигиталниот свет. Дека не обучуваме млади на правилен начин покажува и фактот дека нема стартап компании денеска, во светот имате млади луѓе од 18-19 години кои што прават многу успешни бизниси. Тоа не доаѓа само по себе, тоа доаѓа после еден процес на едукација. Тие млади луѓе се свесни како креативно можат да го потрошат времето пред компјутер. Нашата младина не е свесна за тоа.“

Министерството за образование мора да создаде стратегија за дигитално општество во кое ќе направи инфраструктура и ќе ги поврзе трите главни алки-ученик, наставник и родител, завршува Алиу.

Во Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта кој што го подготви МОН, мапирани се речиси сите недоследности, но недостига потемелна фокусираност на сржта на промената, а тоа се: иновативните наставни методи; фокусирање на интерактивна и персонализирана настава; интердисциплинарност во курикулумите; и фокусирање на кодирањето во наставата. Не е предвидено ниту потребата во секоја образовна институција да има и дигитални координатори кои би биле системски вклучени во развојот на компетенциите на наставниците и кои би работеле со нив на интегрирање на наставните програми со новите технологии.

 

Катерина Топалова