Потерница за Сашо Мијалков

22.02.2021 13:08

МВР распиша национална, а од судот ќе се бара меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Вчера Кривичниот суд издаде решение за куќен притвор. Се преземаат сите мерки и активности за негово пронаоѓање, кратко информираа од МВР. Мијалков во „Таргет-Тврдина“ е првообвинет. Пресудата за случајот е закажана за в петок...

Полицијата трага по екс- директорот на УБК, Сашо Мијалков, откако  судот му одреди куќен притвор за предметот „Таргет-Тврдина“. Издадена е национална, а од судот ќе бараат и меѓународна потерница.

Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница“, велат од МВР.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вчера попладне до скопскиот Кривичен суд, доставило предлог за определување мерка притвор за Мијалков, поради постоење сомнение за евентуално бегство. Кривичниот совет, пак му определи куќен притвор со 24 часовен видео и електронски надзор.

Советот во корелација со документацијата за соменвањето за бегство приложена од Обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и  донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, соопштија од скопскиот Кривичен суд.

Премиерот Заев очекува екс- директорот на УБК да биде пронајден, но, ќе бара одговорност и целосна истрага.

Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи, а тоа е разрешницата преку пресуда за случајот со прислушувањето“, рече премиерот Заев.

На социјалните мрежи се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со Фејсбук статус побара оставка од владата.

„Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно кое не го пробија. Оставка на владата веднаш!“- напиша Мицкоски.

Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“ е првообвинет, а Обвинителството во завршниот збор побара максимална казна. За масовно прислушување се обвинети 12 лица. Мијалков на последното рочиште рече дека нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година не го правеле службите во УБК. Пресудата за случајот е закажана за во петок.

 

Наташа Гркова- Петрушевска