Заев сведок во „Титаник“, посочи институции вмешани во изборни нерегуларности
Во Кривичниот суд се одржа рочиште за случајот „Титаник“. Сведочеше премиерот и лидер на СДСМ, Заев. Рече дека единствените договарања што ги имал со тогашниот претседател на владата, Никола Груевски, биле за измени на Изборниот законик. Додаде дека лично му соопштил на Груевски оти е запознаен со сите нерегуларности во изборниот процес од 2014-та година...

Луѓе од Центрите за социјална работа шетаа со списоци од приматели на социјална помош и ги заплашуваа дека ќе ја изгубат ако не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2014-та. Истото го правеле и вработени во Шумската полиција, кои пак се заканувале дека ќе им ги раскинат договорите за сеча на оние гласачи што нема да ја поддржат тогаш владејачката партија.
Ова пред судот го изјави актуелниот премиер Зоран Заев, кој како сведок на обвинителството даде исказ за случајот „Титаник“. Слични злоупотреби, наведе Заев правеле и трудовиот и земјоделскиот инспекторат, но и водоснабдителни претпријатија.
За сите забелешки Заев го информирал тогашниот премиер Груевски со кого телефонски комуницирал.
Во случајот за изборните нерегуларности, обвинети се 20 лица. Се товарат за злосторничко здружување, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал.
Анита Димитријевска Велковска
