Комората бара да профункционира Комитетот за туризам и да почне имплементацијата на мерките
Да профункционира комитетот за туризам, да почне имплементација на донесените мерки, да се поедностави постапката за субвенционирање, бара Здружението на угостителство и туризмот при Стопанската комора. Инсистираат на итна средба во Владата...

Да профункционира комитетот за туризам, да почне имплементација на донесените мерки, да се поедностави постапката за субвенционирање, бара Здружението на угостителство и туризмот при Стопанската комора. Инсистираат на итна средба во Владата, децидни дека туризмот може да функционира и во услови на ковид. Посочуваат дека засега нема најави за странски гости, се чекаат сигнали од Светската здравствена организација за протоколите за патување.
„Ние ќе треба да сме подготвени да докажеме дека ги почитуваме протоколите и дека знаеме да се справиме ако нешто им се случи на туристите. Во моментов немаме оптимистички најави, сѐ е на чекање, но ние нашиот организациски дел ќе мора да издигнеме на многу повисоко ниво. Маркетингот и промоцијата ќе треба да играат значајна улога. Сублимат на сите наши барања е неодложна средба со премиерот“, изјави Асим Меџедовиќ, заменик- претседател на здружението.
Според Михајловска- Василевска, поддршката за домашните туристи е добродојдена. Има можност за поттик на домашните гости, како и за повеќе странски туристи и покрај затвореноста и кризата од пандемијата.
Македонскиот туризам учествува во БДП со 25 насто, директно или индиректно вработува над 100.000 работници. Овозможува прилив на девизи од над 1,5 милијарди евра. Здружението, констатира дека токму овој сектор може да преставува економската надеж за пост- ковид развој на државата. Загубите во хотелиерството лани надминале 90 проценти.
Александра Спировска
