Оштетените штедачи од „Еуростандард“ надеж гледаат во Уставниот суд

22.02.2021 14:23

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“, надеж гледа во Уставниот суд, владеењето на правото и заштитата на темелните вредности, заштитени со Устав. Апел до судиите за доследно спроведување на Уставот и законите. Бараат измени на Законот за банки...

Уставниот суд е единствената институција која може да го реши проблемот на оштетените штедачи на Еуростандард банката која е во стечај, велат од Здружението. Побараа измени во Законот за банки, оценувајќи дека е дискриминаторски и неуставен, бидејќи со него се предвидува целосно обесштетување само за депозити до 30.000 евра.

Од Здружението велат дека досега речиси 2.000 правни лица не се воопшто обесштетни, што во услови на криза дополнително ја влошило нивната работа. Делумна исплата од стечајната маса добиле над 700 физички лица.

Од Здружението на оштетени штедачи, велат дека очекуваат наскоро и во Собранието да бидат изгласани измените на Законот за банки за да се овозможи и останатите штедачи да ги добијат своите пари. Апелираат дека недовербата и несигурноста во банкарскиот систем може да има штетни последици врз целокупната економија.

Еуростандард банка е во стечај од август 2020-та година.

 

Дијана Ценевска