СЗО

Пандемијата ќе заврши на почетокот на 2022 година

22.02.2021 13:16

Пандемијата на коронавирусот ќе заврши на почетокот на 2022 година, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге. Иако појавата на варијантите на вирусот е нормална, за СЗО загрижува брзото ширење на мутациите. Европската унија, пак, заостанува во трката со вакцинацијата...

Пандемијата на коронавирусот ќе заврши на почетокот на 2022 година, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација  за Европа, Ханс Клуге. Истакна дека Ковид-19 сепак, ќе доминира во општеството и во 2021 година, но ќе биде многу поконтролирано од 2020 година. Упати оптимистична порака дека иако вирусот ќе продолжи да постои, нема да бидат потребни ограничувања.

Велика Британија се подготвува за повторно отворање на училиштата на 8 март и можноста на две семејства, односно на група од 6 луѓе да им биде дозволен собир на отворено, три недели пред истекот на мерките кои во моментот се на сила.

„Тимот од Оксфорд демонстрираше докази за намалување на преносот на вирусот за две третини. Во спротивно, не би можеле да кажеме дека ќе ги отвориме училиштата на 8 март и дека ја разгледуваме и можноста шест луѓе, односно две семејства да се во можност да се гледаат на отворено, доколку не бевме убедени дека програмата за вакцинација носи резултати“, изјави Надим Захави, министер за вакцинација на Велика Британија.

Нов Зеланд ги отстранува последните ограничувања во Окланд, најголемиот град во земјата, откако пандемијата почна полека да се повлекува. Премиерката Џасинда Ардерн изкави дека над 72 илјади тестови не покажале дека вирусот се шири низ заедницата.

„Изведовме тестирања на отпадни води во Окланд, но и во други делови низ земјата. Не најдовме докази за постоењето на коронавоирусот. Тоа ја рефлектира неверојатната работа на сите жители на Нов Зеланд. Останува на сила задолжителното покривање на лицето во јавниот превоз и во малите патнички возила како „Убер“ и такси-возилата“, изјави Џасинда Ардерн,  премиерка на Нов Зеланд.

ЕУ заостанува во трката со вакцинацијата

САД, Кина и Русија се борат за влијание во светот. Само Европа нема што да понуди, се наведува во анализата на германскиот весник „Ханделсблат“. На средбата на шефовите на држави и влади од земјите на Г7 во фокусот на разговорите беше и глобалната стратегија за вакцинација. 

Снежните бури ја попречија испораката на вакцини во САД

Во меѓувреме поради снежните бури, екстремниот студ и прекинот во снабдувањето со електрична енергија во САД, затворени беа повеќе од 2.000 пунктови за вакцинација и ја пролонгираа испраката на шест милиони дози вакцини во сите 50 сојузни држави.

Од 14 февруари големи делови од САД се зафатени од екстремно студено време. Обилниот снег и рекордно ниските температури ги погодија Оклахома и Аркансас, а предизвикаа прекин во снабдувањето со електрична енергија ширум Тексас.

 

Марина Ристова