Распишана меѓународна потерница за Мијалков
Екс- директорот на УБК Сашо Мијалков освен со национална, се бара и со меѓународна потерница. Откако вчера судот му одреди куќен притвор, полицијата не го најде дома. На распит, повикани членови на семејството и обезбедувањето на екс- разузнавачот. Премиерот Заев инсистира на брзо расчистување на случајот, но ќе бара и одговорност. ВМРО-ДПМНЕ побара оставка на владата. Пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во кој Мијалков е првообвинет е закажана за в петок...

МВР ја побара, Кривичниот совет на скопска единица даде согласност за распишување меѓународна потерница за екс- директорот на УБК Сашо Мијалков. Министерството, покрај националната ја објави и меѓународната потерница. Полицијата трага по Мијалков, откако судот му одреди куќен притвор за предметот „Таргет-Тврдина“. Не го најде во неговиот дом.
„МВР веднаш презеде мерки и активности. Откако е констатирано дека лицето не е на адресата каде што е посочено, се преземени мерки за негово пронаоѓање. Распишана е меѓународна потерница, правиме проверки и претреси на одредени објекти и во полициска станица повикуваме лица кои можеби се поврзани со овој случај“, изјави за МТВ портпаролот на МВР, Тони Анеловски.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вчера попладне до скопскиот Кривичен суд, доставило предлог за определување мерка притвор за Мијалков, поради постоење сомнение за евентуално бегство. Кривичниот совет пак му определи куќен притвор со 24 часовен видео и електронски надзор.
„Советот во корелација со документацијата за соменвањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, соопштија од скопскиот Кривичен суд.
Премиерот Заев очекува екс- директорот на УБК да биде пронајден, но, ќе бара одговорност и целосна истрага.
„Очекувам детални информации и истрага за самиот случај од судот, јавното обвинителство и од МВР. Нашиот народ очекува целосно расветлување на ваквиот случај и понесување одговорност ако не се спроведе судското решение за ставање во притвор на лице за кое се очекува да се донесе пресуда за еден од најважните случаи, а тоа е разрешницата преку пресуда за случајот со прислушувањето“, рече премиерот Заев.
На социјалните мрежи се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со Фејсбук статус побара оставка од владата.
„Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно кое не го пробија. Оставка на владата веднаш!“- напиша Мицкоски.
Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“ е првообвинет, а Обвинителството во завршниот збор побара максимална казна. За масовно прислушување се обвинети 12 лица. Мијалков на последното рочиште рече дека нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година не го правеле службите во УБК. Пресудата за случајот е закажана за во петок.
Наташа Гркова- Петрушевска
