Разрешен и суспендиран секретарот на Охридската болница

22.02.2021 16:01

Денеска е разрешен и суспендиран секретарот на Охридската општа болница, Антонио Наумоски. Тоа е направено по налог на Министерството за здравство бидеќи тој се вакцинирал преку ред, спротивно на националниот план за имунизација, иако претходно било укажано дека никој кој не е здравствен работник не смее да се вакцинира во првата фаза од имунизацијата...

Извршената прекуредна вакцинација на лице кое е дел од немедицински персонал на Општата болница во Охрид ја разбранува охридската и македонската јавност, уште повеќе заради тоа што според препораките на министерството за здравство во првата фаза од имунизацијата треба да се вакцинира единствено медицинскиот персонал кој е ангажиран во ковид центрите во земјата.

Иако вчера директорот на оваа здравствена институција д-р Горан Балевски ја презеде врз себе одговорноста заради тоа што го потпишал списокот за вакцинирање на кој се наоѓало и името на секретарот на болницата, сепак денеска по насока на Министерството за здравство, секретарот е суспендиран и разрешен, а ќе биде формирана и дисциплинска комисија.

Во телефонска изјава за Македонската телевизија разрешениот секретар, Антонио Наумоски, кој од денеска е на боледување рече дека нема да го коментира разрешувањето додека не го добие решението, при што најави дека ќе го обжали и ќе поднесе соодветни тужби бидеќи не се чуствува виновен затоа што тој воопшто не учествувал во подготвувањето на списоците за имунизација.

Од Министерството за здравство денеска уште еднаш им укажаа на сите здравствени установи кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до Националниот систем Мој термин дека за непочитувањето на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции.

 

Сашо Нелоски