„Бетовен: Редефиниција“ со Јонијан Илијас Кадеша во Филхармонија
Јонијан Илијас Кадеша има грчко- албански корени, а живее во Берлин. Неговата изведба се карактеризира со стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи...

Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Бетовен: Редефиниција“ на кој како солист ќе настапи виолинистот Јонијан Илијас Кадеша. Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата се „Варијации на тема од Хајдн“, оп.56 од Јоханес Брамс и Концерт за виолина и оркестарот во Де-дур, оп 61 од Л.В.Бетовен.
Јонијан Илијас Кадеша има грчко- албански корени, а живее во Берлин. Неговата изведба се карактеризира со стилска посветеност и егзактна артикулација во интерпретацијата на дела од сите музички епохи. Добитник е на повеќе интернационални награди, настапува на водечките светски сцени и на познати фестивали во Европа.
Камерната музика го врзува со познати музичари како што се Марта Аргерич, Стивен Исерлис, Николас Алштед, Илја Григолтс... Тој е коосновач на триото „Гаспард“ со кое настапува во Европа и во САД. Свири на виолина изработена од Џовани Батиста Гуаданини од 1749 година.
