Штети од мразот кај раните овошки
Екстремно ниските температури минатата недела направија штети кај овошките, најмногу на југот од земјава. Снегот пак, беше добредојден кај есенските посеви и ги спаси од измрзнување. Сегашното потопло време и сонцето се добри за пластеничкото производство, а ќе го овозможат и првото прихранување на житата...

Поларниот бран кој ја зафати земјава во изминатата седмица со ексремни минимални температури во утринските часови кои паднаа и до -22 степени со минусни вредности и во текот на денот, сепак ќе причини штети кај овошките.Ова најмногу се забележа во јужните делови на државава каде што имаше и почеток на цветање кај коскестите видови овошки.
Студениот бран донесе екстремно ниски вредности кои беа под границата на биолошката издржливост што можат да ја поднесат културите.
Во Пелагонија и Овче Поле снежната покривка ги спаси посевите од измрзнување, но ја одложи прихраната со азотни минерални ѓубриња.
Подобрувањето на времето од оваа недела со покачување како на утринските, така и на дневните температури ќе овозможи многу подобри услови за пластеничкото производство, односно нема да бидат потребни дополнителни загревања.
Поледелците исто така ќе можат да влезат со механизацијата во нивите за да го направат и првото прихранување на есенските житни култури и да вршат работи на отворено, како што се кроењето на лозјата или овошките, што според агрометеоролозите, е обемна и неопходна операција која треба да се изврши во овој период.
Методија Трајков
