КОВИД-19

Над половина милион починати во САД, Британија најавува намалување на рестрикциите

23.02.2021 10:43

Американскиот претседател Џо Бајден одржа церемонија во чест на жртвите од пандемијата со Ковид-19. Обединетото Кралство најавува намалување на рестрикциите од почетокот на март. Целосно укинување на сите ограничувања се очекува од крајот на јуни.

Американскиот претседател Џо Бајден одржа церемонија во чест на жртвите од пандемијата со Ковид-19. Тој ги повика народот и политичарите да заборават на разликите и да ги здружат силите во борбата против невидливиот непријател. Во САД веќе се регистрирани половина милион смртни случаи.

„Во оваа пандемија починаа повеќе Американци отколку во Првата, Втората светска војна и во Виетнам.  Бројот на жртвите од вирусот е поголем од која било друга држава на Земјата“, изјави претседателот Бајден.

Обединетото Кралство најавува намалување на рестрикциите од почетокот на март. Целосно укинување на сите ограничувања се очекува од крајот на јуни. Во оваа земја досега се имунизирани над 17,7 милиони луѓе. Според владиниот план, до јули би требало доза да примат сите повозрасни државјани.

„Не постои вакцина со 100-процентна ефиаксност. И да ги намалиме рестрикциите, денес или за шест, девет месеци, мора да бидеме реални и да сфатиме дека ќе имаме заразени, хоспитализирани, а со тоа и починати, исто како што е секоја година со грипот. Дури и да ја отвориме земјата целосно, потег кој ќе нè чини многу човечки животи и кој ќе предизвика огромна штета врз децата, ние нема да можеме да ја елиминираме оваа болест. Поради тоа, правилно е постепено да се заменува заштитата од рестрикциите со заштитата од вакцините“, нагласи премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

На глобално ниво, битката со новиот коронавирус ја загубиле 2,47 милиони луѓе.