Програмата за економски реформи 2021-2023: Состанок на високо ниво со директоратите на ЕК
Фокусот во 2021 година ќе биде справувањето и надминувањето на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и поставување основи за забрзан и одржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството.

По повод Програмата за економски реформи 2021-2023 година, која се достави до ЕК на 29 јануари 2021 година и која има за цел преку конкретни реформски мерки да дејствува на клучните предизвици за конкурентноста на земјава, во рамки на дијалогот со Европската Унија за исполнување на економските критериуми, денеска се одржа состанок на високо ниво помеѓу министри од Владата на Република Северна Македонија и директори во генералните директорати за проширување и соседска политика и за труд и социјална политика, како и претставник од Директоратот за економија и финансии на Европската комисија.
Фокусот во 2021 година ќе биде справувањето и надминувањето на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и поставување основи за забрзан и одржлив економски раст, зелена економија, дигитализација на процесите и општо подобрување на сите процеси и состојби во општеството.
Европската комисија во својот извештај за спроведување на економските реформи од лани идентификува три клучни структурни предизвици коишто треба да се надминат со цел да се поттикне конкурентноста и инклузивниот раст во земјава. Тоа се подобрување на конкурентноста на домашните компании и интеграција во глобалните синџири на вредности, подобрување на квалитетот и важноста на образовниот систем и формализација на економијата.
Во Програмата на економски реформи 2021-2023 се опфатени 20 приоритетни реформски мерки коишто треба да се спроведат во наредните три години во насока на реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.
