Се ограничуваат инспекциите на МААЕ, САД и натаму отворени за дијалог со Техеран
Продолжува притисокот од Иран врз западот, за нуклеарниот пакт, со кој Техеран ги ограничува инспекциските активности во постројките и најавува збогатување на ураниумот. Стејт департментот гледа закана во најновите пораки од Иран...

Иран продолжува да врши притисок врз Западот околу спроведувањето на Нуклеарниот пакт. Последните потези на Техеран вклучуваат ограничување на инспекциите во постројките и најава за збогатување на ураниумот и до 60%. Ајатолахот Али Хамнеи ги повика Парламентот и Владата да ги надминат разликите околу законот со кој се бараше делумен прекин на инспекциските проверки доколу европските потписници не ги повлечат санкциите.
„Дознав дека постојат разлики меѓу Владата и Парламентот околу постапките на Владата и толкувањето на истотот од страна на Парламентот. Овие разлики мора да бидат решени“, изјави Ајатолах Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Со документот се суспендира и дополнителниот протокол со кој на тимовите од Меѓународната агенција за атомска енергија им се дозволува потемелна инспекција во иранските погони. Со надзорот беа опфатени 18 нуклеарни постројки и девет локации. И покрај ограничувањето на инспекциите, Агенцијата и Техеран постигнале делумен компромис за надзор на примената на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма.
„Агенцијата ќе има помал пристап во рамките на привремениот договор. Тој не е замена за претходните спогодби, туку привремено решение со кое МААЕ ќе продолжи да му дава на светот гаранции околу активностите во нуклеарната програма на Иран“, изјави Рафаел Гроси, претседател на МААЕ.
Стејт департментот гледа закана во најновите пораки од Иран, но САД остануваат отворени за дијалог со Техеран.
„Ако Иран почне повторно целосно да го почитува договорот, САД ќе го сторат истото. Во тој случај ќе го користиме Заедничкиот сеопфатен план како основа за подологотраен и посилен договор“, рече Нед Прајс, портпарол на Стејт департментот.
Во 2018 година, со одлука на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД еднострано го напуштија меѓународниот нуклеарен договор, со кој Иран се обврза да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкци.
Маја С. Филдишев
