Поевтинуваат 352 лека
Досега се намалени три илјади медикаменти, а заштедата е над 30 милиони евра. Поевтинуваат и лековите за болничка употреба. Пари кои болниците ги пренаменуваат за подобрување на квалитетот на лекување...

Лекови за болни од рак, епилепсија, склероза, антибиотици - 352 лека од 15-ти месецов, граѓаните ќе ги купуваат по пониски цени. За две ипол години ова е петто намалување на цената на лековите.
„Доколку би ги сумирале проценетите заштеди на годишно ниво заштедата кај генеричките лекови изнесува над два милиони евра, а кај лековите оригинатори и иновативните лекови заштедата е над еден милион, вкупната заштеда на годишно ниво е три милиони и 234 илјади евра“, вели министерот за здравство, Никола Тодоров.
Досега се намалени три илјади медикаменти, а заштедата е над 30 милиони евра. Поевтинуваат и лековите за болничка употреба. Пари кои болниците ги пренаменуваат за подобрување на квалитетот на лекување.
„Заштеда кај генеричките лекови од болничката листа изнесува милион 773 илјади и 500 евра, а вкупната годишна заштеда кај лекови од примарната здравствена заштита, односно во аптеките изнесува милион 460 илјади и 200 евра“, вели Катерина Алексоска- директор на Бирото за лекови.
Според досегашната практика корекција на цените се прави два пати годишно во март и во октомври, на лекови кои граѓаните најмногу ги бараат. До сега немало ниту едно поскапување.
Андријана Атанасовска
