Зголемен бројот на заразени со Ковид-19 во регионот
Скок на бројот на нови случаи од Ковид-19 во Босна и Херцеговина. Додека сонцето ги мами луѓето надвор, локалната кантонална влада во Сараево загрижена и лута поради доцнењето на вакцините. Најавија заострување на мерките. Зголемен број заразени ресгистрира и Грција и Бугарија.

Сонцето и навестувањето на пролетта ги измами жителите на Сараево, уморни од полицискиот час и ограничувањата да излезат како во старите времиња. Баровите преполни, маските заборавени. Повозрасните загрижени.
„На помладите не може ништо да им се каже. Постарите се единствените што ги почитуваат мерките. Лут сум поради тоа што недостасуваат вакцини. Тоа е катастрофа. Голем срам. Една година од ова е предолго, луѓето повеќе не можат да бидат затворени во своите домови“, изјави Ибрахим Каменица, жител на Сараево.
И локалната кантонална влада во Сараево загрижена, но и лута што државата нема напредок во директните преговори за обезбедување вакцини.
„Загрижен сум бидејќи граѓаните веруваат дека убавото сонце надвор значи дека конечно излегуваме од пандемијата. Постои масовна релаксација. Свесен сум дека луѓето се уморни, но мора да ја задржиме будноста. За жал, ние сме единствената земја каде државните власти не прават нешто за да се набават вакцини - ова го велам со целосна одговорност“, изјави Един Форто, премиер на владата на округот Сараево.
За да го спречи ширењето на заразата кое е во нагорна линија изминативе денови, премиерот на сараевскиот кантон, најави дека сите угостителски објекти што нема да ги почитуваат мерките ќе бидат затворени, а клиентите што ќе ги посетат ќе одат во задолжителен 14-дневен карантин.
„Избегнувам да гледам вести за вирусот, за вакцините, кој прави добро, кој лошо. Израел е шампион по тоа прашање. Навистина се обидувам да не слушам, бидејќи се нервирам“, вели Един Хелда, жител на Сараево.
Расте бројот на нови случаи и во Грција. По повеќе од два месеца, земјата повторно бележи над две илјади нови случаи. Половина од нив, во поширокиот регион на Атина која веќе две недели е во строг карантин и со полициски час. Здравствените работници се уморни и исцрпени. Во недостаток на кадар протестираа пред Министерството за здравство.
„Болница без општи лекари, без пулмолог, има 60 пациенти, каде попрво? Се прави голем напор да се спасат човечки животи“, вели здравствен работник од Грција.
Слична е ситуацијата и во Бугарија. Наместо бројката да опаѓа, земјата бележи најголем број новоинфицирани од почетокот на годината- 1.925. Албанија, пак, минатата недела се запиша во црната листа по бројот на починати како последица од Ковид-19.
Бојана Крстевски
