Кампања: „Читај повеќе, читај секаде“
Министерката Елизабета Канческа-Милевска со неколкуминајавни личности, автори и претставници на издавачката куќа „Матица македонска“ денеска им подаруваа книги на случајни минувачи на улица „Македонија“.
„Читај повеќе, читај секаде“ - е мотото на кампањата за популаризација на читањето и за важноста на книгата која денеска ја промовираше издавачката куќа „Матица македонска“.
Дел од кампањата ќе бидат разни активности кои ќе бидат опфатени до 20 април– читања, промоции, делење бесплатни примероци на книги во соработка со компании кои се спонзори на кампањата, отворање кафе-библиотеки.
35 илјади членови брои читателскиот клуб со зголемување на бројката од година в година, рече Дејан Павлевски од „Матица македонска“.Иницијативата за кампањата црпи мотив директно од нужноста, книгата да биде достапна секаде и секому.
- „Книгата гради споменик во срцето на читателот и затоа треба да се чита во секое време и насекаде“, рече Павлевски.
-„ Од 2008 година досега се издадени преку 4.000 книги и изданија на македонски јазик и на јазиците на заедниците во нашата држава. Исто така, откупени се над 40.000 публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државата. На тој начин сметам дека правиме особени напори она што го поддржуваме да стане подостапно до сите граѓани на нашата држава“, рече министерката за култура.
Во оваа пригода таа потсети и на првпат објавениот конкурс за странски издавачи кои ќе преведат дела од македонски автори и дека досега на конкурсот, кој е во тек, се пријавиле 15 издавачки куќи.
