Силјановска- Давкова: Законот за попис е лош
Собирањето потписи е граѓански и политички протест против лошиот Закон за попис. Ова го изјави пратеничката Гордана Силјановска- Давкова, која вели дека 10 илјади граѓани со свој потпис можат да предложат поквалитетен закон. Постојното решение нема да донесе квалитетен попис, смета Давкова. Појасни дека при неговото носење, власта не ги зела предвид 50-те амандмани што ги преложила опозицијата...

Поднесовме педесетина суштински амандмани на Законот за попис, но власта не ги прифати и преку ноќ одлучи да го донесе по скратена постапка злоупотребувајќи го европско знаме, вели пратеничката Силјановска. Побара Европската комисија да реагира, како и за законот за лични карти. Прашува- каде во светот се попишуваат граѓани кои повеќе од година живеат надвор од државата.
Иницијатива за поведување постапка пред Уставниот суд поднесе Националниот блок „Не отварам врата“. Велат – етничката и верска припадност е лично право на граѓанинот и не може никој друг во негово име да дава податоци.
Пописот ќе се спроведе во април, а законското решение беше изгласано во Собранието во јануари со 62 гласа.
Анита Димитријевска Велковска
