Меѓуградскиот и градскиот превоз од денеска со поголем број патници

24.02.2021 15:47

Меѓуградскиот и градскиот превоз од денеска со поголем број патници, откако Владата донесе одлука да се зголеми капациетот од 50 на 75 %. Превозниците ја поздравуваат одлуката со која се надеваат дека повеќе нема да работат со загуби, здравствените работници пак, бараат и понатаму строго почитување на ковид мерките и покрај ублажување на уредбите...

Никола Јовановски од тетовско Теново се надева дека денес нема да го заврши работниот ден без заработка. Со најновата владината одлука организираниот превоз да функционира со капацитет до 75%, очекува неговото комбе да не работи со загуби како досега, кога мораше да вози само со половина капацитет.

Олабавувањето на мерките не треба да значи олабавување на граѓаните, велат здравствените работници. Ситуацијата е сериозна. Секојдневно се евидентираат двоцифрени бројки на позитивни случаи, а голем дел од хоспитализираните се со тешка клиничка слика.

Од СВР Тетово, велат дека како досега и понатаму ќе продолжат контролите во организираниот превоз. Годинава на полошкото подрачје се казнети 1.400 граѓани кои не носеле заштитна маски во меѓуградски и градски превоз. Тие што превезувале патници повеќе од пропишаното, претежно се опоменувале, но има и казни.

За непочитување на владините одлуки поврзани со организираниот превоз се предвидени високи парични глоби до 2.000 евра.

 

Зоран Димовски