Охрид: На местото од ресторанот „Парк“ ќе се гради хотел
На местото каде што сега се наоѓа ресторанот „Парк“ ќе се гради хотел. Ова на денешната прес- конференција го изјави градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, откако претходно активисти на граѓанската иницијатива „Охрид-СОС“ алармираа дека на тој простор започнале активности за уривање на постојниот објект. Георгиевски рече дека тој не може да ја спречи изградбата на новиот објект, бидеќи инвеститорот располага со севкупната потребна документација и има правосилно решение за градење.

На локалитетот „Горица 1“ каде што сега се наоѓа ресторанот „Парк“ ќе биде изграден хотел на три ката и потпокрив со вкупна површина од 4.525 метри квадратни и со висина до венец од 13, 5 метри. Ова на денешната прес- конференција го соопшти охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, при што посочи дека локалната урбанистичко-планска документација е усвоена од општинскиот совет уште во 2009 година врз основа на што е издадено правосилно решение за градење.
„Сега разговараме за изградба на хотел меѓутоа документацијата е обезбедена и одобрението е издадено согласно законските прописи во 2018 година пред носењето на Планот за управување. Во трета Б зона е дозволена градба на објекти П плус и 40 проценти искористеност на просторот. Значи овој објект е согласно Планот за управување, со тоа што во планот не е предвидено поткровје“, изјави градоначалникот Георгиевски.
Георгиевски смета дека изградбата на хотелот негативно ќе се одрази врз извештајот на УНЕСКО, но дека нема начин како да го сдпречи тоа.
„Можно е да се одрази меѓутоа нема основ како тоа ние да го спречиме. Токму затоа требало државата во 2010 година да го донесе Планот за управување за да немаме сега вакви проблеми. Ова е резултат на нефункционирањето на државата пред носењето на Планот за управување“, вели Георгиевски.
Охридскиот градоначалник денеска соопшти дека се поднесени кривични пријави за узурпација на државно земјиште против правни и физички лица кои на 14 плажи обавувале дејност без одобрение и најави дека ќе продолжи уривањето на дивоградбите веднаш штом ќе заврши тендерската постапка за избор на фирма која обавува таква дејност.
Сашо Нелоски
