Пристигна втората пратка вакцини од Србија
Во Македонија пристигна и втората пратка вакцини против Ковид-19. Имунизацијата е во тек, а според министерот за здравство вакцините ќе бидат доволни за медицинските лица, кои се во првата група за вакцинирање. За другите вакцини, Филипче рече дека се во секојдневна комуникација со компаниите, но не можеше да каже точен датум...

Пристигна втората пратка антиковид вакцини од Србија. Министерот за здравство, Венко Филипче на граничниот премин Табановце ја прими пратката од вкупно 8-те илјади дози вакцини од Фајзер. Пратката со автомобил ја донесе делегација, предводена од српскиот министер за здравство, Златибор Лончар. Министерот Филипче истакна дека овие вакцини ќе бидат доволни за здравствените работници, кои се приоритетна група за имунизација.
„Започнавме со имунизација на здравствените работници која се одвива одлично. Организирано е на еден пункт со шест места во Клиничкиот центар во Скопје. Досега се вакцинирани околу 1.300 задравствени работници, и со динамика 250 до 300 на ден продолжуваме понатаму“, истакна министерот Венко Филипче.
Првата пратка од 4.680 дози вакцини од Србија пристигна во нашата земја на 14-ти февруари. Од тогаш започна и имунизацијата во државата.
„Исклучително ми е драго што сме во можност да им помогнеме на нашите соседи и пријатели. Она што посакуваме е и вие да бидете безбедни, вашите граѓани што помалку да се разболуваат и кога вие ќе имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние и регионот“, истакна српскиот министер Лончар.
Зборувајќи за останатите вакцини кои што се најавени, Филипче посочи дека секојдневно се во комуникација со „Фајзер“, но исто како и за кинеските, не посочи датум, кога ќе пристигнат. Укажа дека преку Ковакс се очекуваат од 20 до 30.000 вакцини на „АстраЗенека“. Најавите за овие вакцини според договорот се на почетокот на март. За 100.000 количини од руската „Спутник“, Владата треба денеска да расправа на седница.
Првиот човек на македонското здравство од граничниот премин Табановце информираше дека периодов бележиме благ пораст на позитивни случаи од коронавирусот. Тој не ја исклучи можноста од воведување од дополнителни рестрикции, но сепак укажа дека засега не се размислува на таа тема.
Елена Георгиевска
