Многу бенефити од новите медицински апарати
Со набавката на новата апаратура се крати времето на чекање, просечното време на лекување и навремено дијагностицирање на болестите, услугите се според светски стандарди, намалени се трошоците за болничко лекување што долгорочно значи подобрување на работната способност на населението и зголемување на годините на квалитетно живеење...

Предност за да се излечи еден пациент е навреме да се дијагностицира и да биде лекуван по светски стандарди. Ако пред една деценија главен проблем беше прецизна дијагностика и за единствената магнетна резонанца се чекаше со месеци, сега има 6 нови апарати, но и обучени доктори во странство.
„Спектоскопијата со магнетната резонаца ни помага поедноставно, побрзо иполеснода проникнеме во идентитетот на мозочните неоплазми, додека дифузијата е специфична пулсеквенца којашто е чувствителна на движењето на водните молекули и ни помага да го откриеме мозочниот удар“, вели д-р Димитар Вељановски, специјалист од ГОБ 8-ми Септември којшто новите методи за работа на магнетна резонанца ги изучуваше во Монтреал-Канада.
Последниве 2-3години во сите јавни здравствени установи влезе опрема од 100-тина милиони евра.
Порано имаше само 3-4 застарени компјутерски томографи. Сега има 12.
„Ако го немавме мултислајсниот компјутер, туку монослајден кој што го имавме пред две -три години дијагнозата ќе беше многу тешка. Ќе се мислевме диференцијално ,дијагностички , а вака одиме прецизно и точно дека се работи за пиелонот во левиот бубрег“, вели д-р Билјана Пргова специјалист од ГОБ 8-ми Септември.
Придобивка се трите нови ангиографски системи за кардиоваскуларни болести, 5 мамографски системи за откривање рак на дојка,таму кадешто има најмногу заболени.
Во Македонија годишно 3 до 3 ипол илјади пациенти болни од рак имаат потреба од зрачење. Клиниката за онкологија има три акцелератори.Четвртиот ќе го добие за година ипол .Со оние во Градската општа болница 8-ми Септември , во Битола и во Штип, ќе се овозможи пациентите да не чекаат долго за зрачење.
„Пациентите се зрачат во две смени, акцелераторот е во целосна употреба. Како резултат на пуштањето на тој акцелератор, листите на чекање на пациентите значително се намалија од 3 ипол месеци на еден ипол месец до два“, вели Душко Лукарски, еден од ретките медицински физичари на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје.
Во тек е дополнителна набавка на опрема вредна 6 милиони евра- три компјутерски томографи, два акцелератора, еден ангиограф, еден мамограф и еден дигитален рендген апарат.Пациентите нема да патуваат до Скопје зашто опремата е плански и регионално распоредена.Се штеди време,се намалуваат болничките трошоци и сето ова придонесува за долгорочно подобрување на работоспособноста на населението.
Соња Стојановска
