Дали и колку ви значи што мислат другите за вас
Како не доживуваат другите луѓе, што мислат за нас, за нашите постапки, за изговорените зборови? Дали често си ги поставувате овие прашања и колку ви значи туѓото мислење за вас? Според психолозите и духовно развиените луѓе, оваа наша преокупација и уверување не ни оди многу во прилог.

Знаеме дека сликата што ја имаат другите за нас, не е нашиот вистински одраз, како оној во огледало. Исто така знаеме дека нашата уникатност и верност кон себе си и своите ставови се остварува преку искрени постапки и тогаш кога одлуките што ги носиме не поминуваат низ филтрите на други луѓе. Затоа е подобро да се биде тоа што си, без грижа што мислат другите за тоа.
Мислењето на другите луѓе може да ни биде важно и кога не го сакаме тоа или веруваме дека не би требало.
Тоа може да предизвика и страдање, нервоза, може да не натера на погрешни потези. На пример, може да останеме молчаливи на важен состанок, од страв дека ќе кажеме нешто погрешно и така ќе изгледаме глупаво. Поради тоа може со часови да размислуваме за изминатите настани или да правиме ретроспектива на случувањата во својата глава, сценарија што сме можеле друго да кажеме, или поинаку да постапиме. Ова се заснова на илузија. Понекогаш едноставно грешиме поради приговарањата на другите, поради тоа што другите го забележуваат или поради кое ни се восхитуваат, Страдањето есе појавува дури и кога е засновано на погрешна основа.
И социјалните мрежи се всушност простор заснован на контролата што ја имаме над сопствената личност и која што сакаме да му ја претставиме на аудиториумот.
Таа контрола обично ја немаме во реалниот живот, зашто немаме доволно време да размислуваме за нашите постапки, како што го правиме тоа осмислено на социјалните мрежи. Може да одбереме да се прикажеме само во најдобро светло, но тоа е само наша перцепција за добро, а во туѓите очи и понатаму да изгледа поинаку.
Колку е навистина важно што мислат другите за нас?
Понекогаш е важен начинот на кој не гледаат другите луѓе, затоа што е природна желбата да ги импресионираме оние што ни се допаѓаат, но се додека не е доведена до крајноста да постигнеме спротивен ефект од очекуваниот. Кога се работи за професионална слика, оправдано е да сме загрижени за впечатокот кој го оставаме на разговор за вработување.
Но, постои и друга страна на приказната-луѓе кои претерано нападно сакаат да се прикажат како да не им е гајле за ништо. Ова може да доведе до самосаботажа.
Друга замка е да вложуваме непотребно време размислувајќи за мислењето на луѓето кои не ги цениме, немаат добар карактер ниту импресивен квалитет. Добро е да се советуваме со луѓе кои ги цениме, почитуваме, или им се восхитуваме, затоа што нивното мислење ни дава поголем поттик да се приближиме до личности какви што би сакале и ние да бидеме. На тинејџерите и на адолесцентите им е важно да бидат прифатени, па затоа ги следат стандардите што им ги наметнува друштвото и лидерите на групите. Подоцна во животот сфаќаме дека имаме слобода на избор на норми по наша мерка. Иако знаеме дека не ни е толку важно туѓото мислење и понатаму ни е тешко да го игнорираме поривот на тинејџерот во нас. Не можеме секогаш да се одбраниме од мислењето на другите и да избереме за што ќе се грижиме. Мислењето на другите може да ни биде важно и кога свесно не го сакаме тоа, било да е за личниот или за професионалниот живот. За да се заштитиме, добро е ваквите ситуации да се согледаат преку мислата дека сликата на другата личност за нас не го менува фактот каква личност сме навистина. Така моќта на нивното мислење ослабува и нема да не оптоварува. Пожелно е да се променат нашите тврдокорни уверувања за важноста на мислењето на другите. Така постепено ќе престане да ни значи. Желбата да им се допаднеме на другите по секоја цена може да не спречи да го живееме вистинскиот живот по наш автентичен избор.
Достоевски има една убава мисла за оваа тема и гласи вака: „ Ако си се упатил кон некоја цел, а по патот застануваш да го гаѓаш со камења секое куче што лае на тебе, никогаш нема да стигнеш до својата цел.
Соња Стојановска
