Поголемите автобуски превозници пред колапс

25.02.2021 13:20

Ковид кризата им нанесе огромни загуби на автобуските превозници. Во текот на минатата година во одреден период автобускиот превоз практично згасна, а во моментот автобусите вршат превоз со педесет проценти од капацитетите. Лани овој сектор забележа пад на прометот од 70 проценти и доколку во наредните месеци не се нормализира состојбата, отворена е можноста дел од компаниите да згаснат...

Економските последици од здравствената криза ги почуствуваа безмалку сите стопански гранки,но сепак покрај хотелско-угостителскиот сектор се чини дека најголеми штети претрпеа автобуските превозници.Состојбата е катаклизмична вели Димитар Василески,директор на патнички сообраќај во една од најголемите македонски компании.Во текот на вонредната состојба поради коронавирусот автобускиот превоз практично згасна,а во моментот автобусите вршат превоз со 50 проценти од капацитетот.

„На локално ниво се повлековме на две линии од градско-приградскиот сообраќај и се повлековме од линијата Охрид-Струга,меѓународните линии моментално сите се во мирување,а некои 80 проценти републички линии се во мирување.Значи линискиот превоз го возиме со некаде 20 посто од капацитетот“, изјави Димитар Василески- директор на патнички сообраќај.

 Ударот поради ковидкризата најмногу го почуствуваа големите автобуски превозници,кои вработуваат повеќе лица и вршат превоз на голем број линии.

„Во споредба со 2019-та,2020-та прометот е во пад од околу 70 проценти и тоа е огромен удар за нашата фирма,а слична е ситуацијата и кај другите превозници,особено поголемите“, вели Василески.

Со 5 сет мерки на владата не се опфатени автобуските превозници и доколку состојбите не се нормализираат до април или најдоцна мај прогнозите се песимистички,бидеќи се отвора можноста некои компании да се затворат, вели Василески.

Сашо Нелоски